АРСОВСКА ВЛЕТА НА ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР НА „ВОДОВОД“ И СЕ ИСКАРАА ЗА МИЛИОНСКИОТ ТЕНДЕР ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА

    АРСОВСКА ВЛЕТА НА ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР НА „ВОДОВОД“ И СЕ ИСКАРАА ЗА МИЛИОНСКИОТ ТЕНДЕР ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦАПерински кажа дека има опасност грантот да се избуги, а Арсовска не кажа дали ќе ја продолжи постапката или ќе распише нов тендер. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска и разрешениот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински денеска на прес-конференција што ја закажа тој, се искараа за тендерот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Вардар од 136 милиони евра.

    Откако утрово Арсовска го разреши Перински со образложение дека имало сомнежи за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на милионскиот трендер, досегашниот директор закажа прес-конференција во холот на претпријатието. Арсовска ненајавена се појави пред „Водовод“ велејќи дека дошла да види во кое својство Перински држи прес во службените простории кога веќе не е директор. Перински ја покани градоначалничката да присуствува на прес-конференцијата, на која ги отфли како паушални и неосновани сите нејзини обвинувања.

    Кон крајот на јуни добив допис од Град Скоје да се смени Комисијата која ја прави евалуацијата за изградба на пречистителната станица, Комисија за супервизијата и третото барање да ја сменам и Комисија за жалби. За сето ова да се направи ние имаме обврска да се обратиме до Европската инвестициона банка која е инвеститор на проектот. Од банката добив мислење дека не е добро во оваа фаза кога евалуацијата е во тек да се менуваат членови на комисиите затоа што тоа ќе значи одлагање на проектот и државата ќе плаќа камата за некористење на кредитот. И тие одговори ги доставивме до Арсовска со мислењата од Европската банка и консултантите. Се до петокот немавме никакво известување од Арсовска иако членовите од Комисиите беа повикани денес да се пристапи кон отворање на финансиските понуди. Отворање на понудите ние не закажавме туку Европската банка и консултатнтите. Вие не можете да си играте со европски банки. Оваа работа е почната многу пред мене и проектот е од голем интерес за граѓаните на Скопје. Да не си играме со вакви паушални обвинувања затоа што сето ова може да го загрози проектот за кој државата има добиено грант од 70 милиони евра“, рече Перински.

    Директорот кажа дека европските банки се загрижени за проектот уште од саботата затоа што се пласираа доверливи информации во јавноста.

    Цел процес се води под надзор на европски интитуции. Зар мислите дека некој во државата може да биде толку моќен за да влијае. Ова се европски пари и постои ризик да се изгуби грантот“, додаде Перински.

    Арсовска кажа дека од кулоарите добила информации за тендерот поради што се посомневала дека можеби Перински го мести.

    Во изминатите месеци немаме добиено никаква информација во која насока се движат работите за изградба на пречистителна станица. Перински еднаш менуваше комисија, а сега не сака да смени. Нашите сомнежи се сериозни дека се влијаело врз постапката и затоа ќе ги поднесеме во соодветното Обвинителство“, рече Арсовска не кажувајќи за кое дело ќе поднесе кривична пријава.

    Арсовска не кажа како точно ќе продолжи овој проект, дали денеска ќе се отворат понудите или пак постапката ќе се поништи и ќе се распише нов тендер.

    Јас не знам која е другата фирма, ниту за нешто во овој процес сум информирана. Сè што знам е дека Град Скопје е држен во темница“ рече Арсовска.

    Градоначалничката не смета дека смената на Перински кој е близок соработник на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе ја загрози поддршката од партијата во Советот на Град Скопје. Вели дека советниците треба да работат во интерес на граѓаните, но доколку не дадат поддршка на одлуките кои треба да бидат изгласани со мнозинство, тогаш вината зашто не се реализираат одредени проекти ќе биде нивна, а не нејзина.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира