ЏАФЕРИ ЈА ОДБИ ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМ ЗА ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА, ВМРО-ДПМНЕ СЕ ЧУДИ КАДЕ ПРОЧИТАЛ ДЕКА НЕ Е УСТАВНА

    ЏАФЕРИ ЈА ОДБИ ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМ ЗА ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА, ВМРО-ДПМНЕ СЕ ЧУДИ КАДЕ ПРОЧИТАЛ ДЕКА НЕ Е УСТАВНАОд друга страна пак, според многумина, референдумот однапред беше осуден на неуспех, поради невозможна и неостварлива потребна излезност на граѓаните. - Талат Џафери (Фото: СДК.МК)

    Собранискиот спикер Талат Џафери стави крај на идејата за референдум иницирана од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ со цел да се проба да се прекине важноста на Договорот за добрососедство со Бугарија, со тоа што ја одби како неуставна.

    Џафери ги извести опозицијата и јавноста дека тој Договор има третман на ратификуван меѓународен договор и според Уставот има правна сила и не може да се менува со закон.

    Во ВМРО-ДПМНЕ се чудат каде прочитал во Уставот Џафери дека не може со референдум да се измени ратификуван документ, а првенствено прашуваат – како овој билатерален договор меѓу Македонија и Бугарија добил третман меѓународен? Прашуваат и – дали утре ако на пример некое парламентарно мнозинство склучи и ратификува договор со некоја друга држава дека сме дел од неа, тоа ќе биде конечно и неменливо со референдум?

    Соговорниците сакаат да останат анонимни, бидејќи во партијата најавиле соопштение во врска со одлуката на Џафери.

    Тој вечерва соопшти дека денеска ја примил Граѓанската иницијативата за распишување на задолжителен референдум на државно ниво, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија (објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.01.2018 година) и оти му одговорил на овластениот предлагач Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Согласно член 60, став 1, алинеја 5 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Ве известувам дека граѓанската иницијатива за распишување на задолжителен референдум на државно ниво, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија (објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.01.2018 година), не е во согласност со член 118 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот на Република Северна Македонија. Имено, во член 118 од Уставот на Република Северна Македонија е утврдено дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Во членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот е утврдено дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право“, соопшти Џафери.

    Поради горенаведеното, доставената граѓанска иницијатива не е прашање по кое може да се распише референдум на државно ниво, завршува тој за иницијативата за референдум, која според многумина однапред беше осудена на неуспех, поради невозможна и неостварлива потребна излезност на граѓаните.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира