Град Скопје денеска почна со градежни работи за реконструкција на улицата Теодосиј Гологанов кај Клуб на пратеници. Градежните работи според најавите на градоначалничката Данела Арсовска ќе траат 5 месеци, а ќе се работи на потегот од кружниот тек кај Католичка црква до крстосницата со булеварот Климент Охридски.
„Реконструкцијата опфаќа градежни работи на коловозот од 5.350 метри квадратни, велосипедска патека и тротоари од 4.500 метри квадратни, нови рабници, нова фекална канализација Ф600, изведба на нова водоводна мрежа и, ново улично осветлување со лед светилки. Реконструкцијата чини 43 милиони денари, а градежните работи ги изведува фирмата Бауер“, кажа Арсовска.
На прашањето зошто досега не се почна со реконструкцијата на улицата со оглед дека целата постапка беше завршена уште лани во септември кога минатото раководство на Градот го потпиша договорот за овој проект со фирмата „Бауер“, Арсовска кажа дека ги чекале одобренијата за воведување на посебен режим на сообраќај од Министерството за внатрешни работи.
Додека траат градежните работи на оваа фреквентна сообраќајница ќе биде воведен посебен режим на движење, а автобуските линии 5 и 4А нема да минуваат на овој потег.
А. АНТЕВСКА