Денеска почнуваат таканаречените референдуми за анексија во четири региони во источна и јужна Украина, додека војната е во полн замав, а дел од овие територии и натаму е под контрола на украинските сили.
Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје претставуваат 15% од Украина и имаат големина на Унгарија. Владимир Путин ја призна независноста на народните републики Луганск и Доњецк пред почетокот на војната и кажа дека ги поддржува референдумите и дека луѓето кои живеат на овие подрачја треба сами да решат за својата судбина.
Сепаратистичките лидери кажаа дека анексијата ќе се однесува на целите региони, а не само на моментално окупираните територии.
Западните земји ги осудија референдумите и кажаа дека никогаш нема да ги прифатат резултатите. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека ова е опасна ескалација и порача дека никој не може да им го одземе правото на Украинците да ја бранат својата земја.
„Гласањето е измама и недемократско“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
Гласањето треба да трае пет дена. Руските медиуми објавија дека изборните службеници ќе одат од врата до врата со преносни гласачки кутии од денеска до понеделник, а гласачките места ќе бидат отворени само на последниот ден, 27 септември, што властите го оправдуваат со безбедносни причини. Тој ден ќе бидат отворени стотици гласачки места, а граѓаните ќе можат да гласаат и надвор од регионот во кој што живеат, па така и во Русија.
Ако Русија ги присвои овие делови од Украина, тоа може да доведе до натамошна ескалација на војната, бидејќи ќе може да тврди дека нејзина територија се напаѓа со западни оружја.