БОЛНИЦАТА ЗА КАРДИОВАСКУЛАРНИ ЗАБОЛУВАЊА ВО ОХРИД СО НОВ АНГИОГРАФ И ПОДОБРИ УСЛОВИ ОБЕЗБЕДЕНИ СО ДОНАЦИИ

    БОЛНИЦАТА ЗА КАРДИОВАСКУЛАРНИ ЗАБОЛУВАЊА ВО ОХРИД СО НОВ АНГИОГРАФ И ПОДОБРИ УСЛОВИ ОБЕЗБЕДЕНИ СО ДОНАЦИИСо новиот апарате ќе се намали листата на чекање која сега е и до три месеци. (Фото: СДК.МК)

    Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид добива нов ангиограф од Министерството за здравство, со кој ќе се подобри квалитетот на услуги во Одделот за интервентна кардиологија. Постоечкиот ангиограф во оваа здравствена установа не работи, па со замената ќе се намали листата на чекање која сега е и до три месеци.

    Условите во болницата се подобрени и со донациите од поединци и општествено одговорни институции. На денешната прес-конференција, директорката д-р Елена Коваческа-Башуроска, кажа дека е благодарна на нивната хуманост, одговорност и грижа за здравствениот систем.

    „Тие со значајни донации учествуваа во подобрувањето на условите во оваа установа, што влијае на вкупниот квалитет на здравствените услуги за нашите пациенти. Со помош на овие донации ја променивме дограмата на поголем дел од објектот – во Одделот за рехабилитација, болничкиот и амбулантно поликлиничкиот оддел, а делумно е реновирано и едно крило во Одделот за рехабилитација. Сакаме да изразиме огромна благодарност на сите оние кои ги помогнаа овие проекти: Трим и Лум- Струга, Кармен Бауцентар- Охрид, Инекс Олгица хотел- Охрид, Сара мебел с.Горенци – Дебарца, Хотел Лаки- Охрид, Биотек- Скопје, Крка фарма- Скопје, ПН –Метал – Охрид“, вели, д-р Елена Коваческа Башуроска.

    Таа кажа дека со последната инвестиција од донатори реновиран е Одделот за интензивно лекување и салата за интервентна кардиологија.

    „Комплетно е променет електростатскиот под, сменета електричната инсталција и реновирани се тоалетите во овој простор кој преставува срцето на нашата дејност, каде секојдневно се водат битки за нечиј живот. За ова, огромна благодарност му упатувам на заштитното друштво Отпад -Охрид, АД Илинден Струга, Класик компани 2010- Охрид и Набизи – Струга“, додава директорката д-р Коваческа-Башуроска.

    Специјализираната болница „Свети Стефан“ на 29 септември, на Светскиот ден на срцето, во Катедралната црква „Света Софија“, ќе го одбележи 40-годишниот јубилеј.

    „Овој јубилеј е значаен не само за нас како институција, туку и за градот Охрид и за целиот регион. Свесни за тоа, сите заедно скромно ќе го обележиме овој ден. Морам да нагласам дека за организирање на овој настан нема да биде потрошен ниту еден денар од здравствениот буџет, а за ова повторно да се заблагодарам на сите кои истиот ќе го овозможат“, рече д-р Коваческа-Башуроска.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира