Вселенското летало на НАСА „Дарт“ ноќеска се судри со астероид, при што беше целосно уништено. Судирот беше намерен и имаше за цел да тестира дали вселенски камења кои ѝ се закануваат на Земјата можат да бидат изместени од нивната патека на движење.
Камерата на „Дарт“ испраќаше една снимка во секунда сè до моментот на ударот во 160 метри широкиот објект наречен Диморфос. Стримингот беше прекинат откако леталото беше уништено. Судирот се случи на 11 милиони километри од Земјата, при што „Дарт“ летал со брзина од 22.000 километри на час.
Контролорите стационирани во Лабораторијата за применета физика на Универзитетот Џонс Хопкинс пресметаа дека ударот се случил 17 метри од центарот на Диморфос. Ќе бидат потребни неколку недели за да се дознае дали експериментот бил успешен, но во НАСА веруваат дека постигнале нешто исклучително.
„Влегуваме во нова ера на човештвото, ера во која потенцијално имаме способност да се заштитиме од нешто како опасен удар на астероид. Никогаш порано не сме имале таква способност“, изјави Лори Глејз, директорката за планетарна наука во НАСА.
Истражувачите ќе го определат успехот врз основа на евентуалните промени во орбитата на Диморфос околу друг астероид наречен Дидимос. Пред судирот, на Диморфос му требале 11 часа и 55 минути за еден круг околу својот партнер.