Трет ден трае потрагата по 22-годишното момче од Куманово кое со возилото слета од патот Тетово-Скопје и заврши во Вардар. Автомобилот беше изваден од коритото на реката, но без возачот, па веднаш започна обемна потрага, во која се вклучени екипи на МВР, нуркачи од Дирекцијата за заштита и спасување и тетовските пожарникари. Надојдените и заматени води на Вардар многу ја отежнуваат потрагата.
„Денеска потрагата е интензивирана и вклучени се повеќе луѓе. Овде сме од 7 часот и уште еднаш го проверивме целиот терен каде што го најдовме возилото. Сега пребаруваме надолу по течението на реката и планираме да одиме до Радуша. Повторно ги пребаруваме двата брега и користиме и кучиња трагачи. Исто така, повторно се вклучени и нуркачи. Реката е многу надојдена и брза и можеби телото е заглавено некаде во длабочината. Според информациите кои ги добивме од семејството, тој бил сам во возилото во моментот кога слетал во реката“, изјави Авни Амети, командир на противпожарната единица од Тетово.
Во потрагата од првиот момент се вклучени и нуркачи.
„На терен имаме четири екипи со 32 вкупно лица. Две екипи ги пребаруваат левата и десната страна на Вардар, третата е кај мостот во село Сиричино, а четвртата ќе изврши пребарување во малото езеро во Зелениково, зашто водата можела таму да го одвлече телото“, изјави Араф Арифи од Дирекцијата за заштита и спасување.
Според член на семејството, младиот кумановец го контактирал таткото неколку минути пред да се случи несреќата. Тој со возилото „голф 4“ се враќал од Универзитетот во Тетово, каде што пријавувал испит, а од патот излетал кај мостот на Вардар пред тетовското село Желино.
З. АНДОНОВ