ОХРИДСКАТА КАРДИОЛОШКА БОЛНИЦА Е ВО ЧЕКОР СО СВЕТСКАТА КАРДИОЛОГИЈА, КАЖА МИНИСТЕРОТ САЛИ НА 40-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ

    ОХРИДСКАТА КАРДИОЛОШКА БОЛНИЦА Е ВО ЧЕКОР СО СВЕТСКАТА КАРДИОЛОГИЈА, КАЖА МИНИСТЕРОТ САЛИ НА 40-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈОд одбележувањето на јубилејот 40 години од постоење на Охрдиската болница за кардиологија. (Фото: СДК.МК)

    Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид е позитивен пример на јавна здравствена установа за успешно функционирње и континуирано унапредување на условите за пациентите и претставува синоним за раст и развој во чекор со модерната кардиологија во светот, рече министерот за здравство Беким Сали вечерва на свеченоста по повод 40-годишниот јубилеј на оваа болница.

    Министерот кажа дека болницата располага со врвен, професионален кадар, вкупно 30 доктори, од кои 12 супспецијалисти кардиолози, тројца интернисти кои во моментот се на супспецијализација по кардиологија, четворица специјалисти кардиолози и по еден специјалист физијатар и специјалист по медицинска биохемија. Во моментов, седум доктори се на специјализација по кардиологија, а за оваа година се обезбедени уште две нови специјализации со што на подолг рок има континуитет во зајакнувањето на кадарот, рече Сали.

    Денеска во оваа здравствена установа беше пуштен во употреба новиот ангиограф со кој ќе се подобри квалитетот на услуги на Одделот за интервентната кардиологија. За набавката на овој најсовремен апарат се обезбедени средства од Министерството за здравство во износ од 30 милиони денари.

    „Големо е задоволството што на денот на одбележувањето на нашиот 40-годишен јубилеј почнуваме една нова деценија со нов ангиограф, којшто секако ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги за нашите пациенти во делот на интервентна кардиологија, како и можноста за нови дијагностички тераписки процедури и секако, најважно од се`, намалување на листата на чекање на елективниот програм која што е долга“, рече директорката на установата д-р Елена Коваческа-Башуроска.

    Охридската болница за кардиологија е единствена јавна здравствена установа во која се врши дејноста кардиорехабилитација на пациенти по извршени кардиохируршки интервенции и после преболен миокарден инфарт лекуван конзервативно или со перкутани интервенции.

    Во интервентната кардиологија годишно се вршат околу 2.000 дијагностички и интервентни процедури од кои 170 интервенции на периферни артерии, 90 стентирања на каротидни артерии, 400 акутни инфаркти, како и 100 ендоваскуларни интервенции на периферни вени. Околу 2.500 пациенти годишно се третираат на интензивно лекуавање. Исто така, годишно се реализираат 18 илјади специјалистички прегледи, 9 илјади ЕХО прегледи, 6 илјади коронарни стрес тестирања, 5 илјади прегледи на ЕХО доплер, 1.500 холтер и ЕКГ, а има и над 800 пациенти за кардиолошка рехаболитација.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира