ИМАМЕ ЧЕТИРИ НОВИ РЕГИОНИ, КАЖА ПУТИН, ПРОГЛАСУВАЈЌИ АНЕКСИЈА НА 15% ОД УКРАИНА

    ИМАМЕ ЧЕТИРИ НОВИ РЕГИОНИ, КАЖА ПУТИН, ПРОГЛАСУВАЈЌИ АНЕКСИЈА НА 15% ОД УКРАИНАПутин повторно го обвини западот дека сака да ја покори Русија (Фото: Скај)

    Владимир Путин прогласи анексија на Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, припојувајќи кон Русија 15% од територијата на Украина. Зборувајќи на церемонијата во Кремљ, Путин свечено објави дека Русија има четири нови региони.

    „Луѓето од овие региони донесоа одлука. Резултатите од референдумите се познати, добро познати. Сигурен сум дека Федералното собрание ќе ги поддржи четирите нови субјекти на Руската Федерација, зашто тоа е волјата на милиони луѓе“, кажа Путин, тврдејќи дека многу генерации Руси се бореле за овие земји.

    Анектираната територија има површина од 90.000 квадратни километри, што е рамно на големината на Португалија или Унгарија.

    Путин повторно го обвини „алчниот запад“ дека сака да ја покори Русија и кажа дека луѓето во Донбас биле изложени на нечовечки терористички напади од киевскиот режим.

    „Сакам на Киев и на западот да им порачам дека оние кои живеат во Донбас ќе бидат руски државјани засекогаш. Единствениот начин да има мир е властите во Киев да го почитуваат тоа и да се вратат на преговарачка маса. Русија ќе ги штити своите земји со сите расположиви сили и ќе ги обнови градовите, селата и инфраструктурата“, кажа Путин.

    Кремљ претходно нагласи дека анексијата ќе се однесува и на територии кои сè уште не се под контрола на руските сили и дека напад на овие територии ќе се смета за чин на агресија против Русија. Од четирите региони, само Луганск и Херсон се под речиси целосна контрола на Русија, додека украинските сили и натаму ги држат северните делови на Доњецк и Запорожје, вклучувајќи го и градот Запорожје, кој пред војната имал околу 700.000 жители.

    Од 23 до 27 септември, во овие региони се одржуваа таканаречени референдуми за анексија, што меѓународната заедница ги отфрли како лажни и незаконски. Нивниот исход беше крајно извесен, исто како и на Крим во 2014.

    „Западот сака да ја претвори Русија во своја колонија, сака да бидеме толпа робови. На западот му пречи што постои вака богата земја и сака да ја уништи руската култура“, изјави Путин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира