Владата ја замрзна маржата и за млечните производи урда, кравјо бело и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт, за коишто се ограничува највисока трговска маржа до десет проценти во трговијата на големо и трговијата на мало. Одлуката е донесена на денешната седница на предлог на Министерството за економија, зашто при контролите на Државниот пазарен инспекторат во трговијата на мало и трговијата на големо е утврдено дека на ови производи им пораснале цените, соопшти Владата.
Од 14 јуни утврдено е замрзнување на маржите на основните прехранбени производи, бел леб, бел шеќер, сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло), брашно од пченица тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2.8 проценти, 3.2 процента и 3.5 проценти, со трговска маржа со важност до 31 декември.
Владата денеска ја укина и Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки која однесуваше на пченица и наполица, брашно од пченица и наполица и семе од сончоглед (кршено или дробено).
„Во предлогот на Министерството за економија за прекин на нејзината важност, донесен, како што е посочено, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се исполнува и обврската од Договорот за безбедносни механизми за храна во Западен Балкан, потпишан на 2 септември 2022 година, на Самитот на Отворен Балкан, одржан од 1-4 септември 2022 година во Белград, а со цел да нема забрана за тргување со основните земјоделско-прехранбени производи“, соопшти Владата..