Ризикот од нуклеарен армагедон е на највисокото ниво од Кубанската криза во 1962 година, изјави Џо Бајден.
„Владимир Путин не се шегува кога зборува за употребата на тактичко нуклеарно, биолошко или хемиско оружје по неодамнешните воени неуспеси во Украина“, кажа Бајден.
САД и Европска Унија и претходно предупредија дека заканите од Путин треба да се сфатат сериозно. Сепак, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливен, вели дека нема назнаки дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје во брзо време.
Украинската војска е во налет, ослободувајќи територија на истокот и југот на земјата што Путин ја прогласи за анектирана. Веќе неколку месеци, Вашингтон предупредува дека Русија би можела да употреби оружје за масовно уништување ако бележи неуспеси на бојното поле.
Минатиот петок, Путин кажа дека САД направиле преседан кога употребиле нуклеарно оружје против Јапонија на крајот на Втората светска војна и се закани дека Русија ќе ги искористи сите можни средства за да ја заштити руската територија.
„За првпат од Кубанската криза имаме директна закана со нуклеарно оружје. Не сме се соочиле со армагедон уште од Кенеди и Кубанската криза. Употребата на тактичко оружје за масовно уништување брзо би излегла од контрола“, изјави Бајден.
Во 1962 година, САД и Советски Сојуз дојдоа блиску до нуклеарен судир поради распоредувањето на советското нуклеарно оружје на Куба.