ПОВТОРНО ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО КОВИД БОЛНИЦАТА ВО ТЕТОВО, ДВАЈЦА ОД ОБВИНЕТИТЕ НЕМАЛЕ АДВОКАТИ

    ПОВТОРНО ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО КОВИД БОЛНИЦАТА ВО ТЕТОВО, ДВАЈЦА ОД ОБВИНЕТИТЕ НЕМАЛЕ АДВОКАТИНа прашање од судијата Велков зошто дошле без адвокат, обвинетите одговорија дека не занеле дека им треба застапник кој ќе ги брани. (Фото: СДК.МК)

    Повторно е одложено рочиштето за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово. За разлика од минатиот пат кога двајца од обвинетите беа отсутни, поради што се одложи судењето, овој пат во судницата се појавија сите тројца обвинети и претставникот на Клиничката болница од Тетово.

    Откако судијата Јордан Велков констатира дека обвинетите се присутни, двајца од нив, тогашниот финансиски директор на болницата Артан Етеми и докторот Бобан Вучески, рекоа дека немаат адвокати. На прашање од судијата Велков зошто дошле без адвокат, тие одговорија дека не занеле дека им треба застапник кој ќе ги брани. Поради ова седењето беше одложено, а на Етеми и Вучески, судијата Велков им даде рок од 8 денови до судот да достават полномоштво за ангажиран адвокат, во спротивно судот ќе им одреди адвокат по службена должност.

    Продолжетокот на судењето е закажано за 8 ноември.

    По завршувањето на судењето кратка изјава даде само обвинетиот Флорин Бесими, кој беше директор на Клиничката болница во Тетово кога се случи пожарот:

    „Убеден сум дека со доказите кои ги имаме ќе ја докажам мојата невиност во врска со трагедијата. Имам неспорни докази кои ќе ги приложиме во текот на судењето и убеден сум дека со тоа процедурата многу брзо ќе заврши“.

    Во пожарот кој се случи на 8 септември во модуларната ковид болница во Тетово животот го загубија 12 пациенти и две надворешни лица кои во тој момент биле во болницата, а неколку пациенти беа спасени, но беа тешко повредени. Во страотниот пожар, кој избил во една од просториите на објектот, за неколку минути до темел изгоре целиот објект. Истрагата за пожарот траеше неколку месеци, а во неа, покрај домашните истражители, беа вклучени и форензичари од Германија. И двете екипи дојдоа до идентичен заклучок дека причината за пожарот е кратка врска настаната на продолжен кабел во една од просториите каде лежеле заболените од ковид-19, во моментот кога врз еден пациент се интервенирало со дефибратор кој бил приклучен на продолжниот кабел.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира