ПРВИОТ НАСТАВНИК НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ПОДВИС ГИ ПОДУЧУВАЛ УЧЕНИЦИТЕ ДВЕ ГОДИНИ ПРЕД ДА БИДЕ УСВОЕНА МАКЕДОНСКАТА АЗБУКА

    ПРВИОТ НАСТАВНИК НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ПОДВИС ГИ ПОДУЧУВАЛ УЧЕНИЦИТЕ ДВЕ ГОДИНИ ПРЕД ДА БИДЕ УСВОЕНА МАКЕДОНСКАТА АЗБУКАДаскалот Василко Ристески-Лазароски кажал дека одекот за отворање училиште на македонски јазик бил толку голем што доаѓале дури и луѓе од соседните села. (Фото: СДК.МК)

    Првиот наставник на македонски јазик Василко Ристески-Лазароски од првото македонско училиште во кичевското село Подвис, уште во септември 1943 ги подучувал учениците на букви, иако македонската азбука беше усвоена година и осум месеци подоцна. Ова му го потврдил самиот на Боро Китановски автор на книга „Првите македонски училишта“ објавена 1973.

    „Собравме околу 22 ученици од сите класови оние што беа заостанати поради војната и нови за прво одделение иако нешто повозрасни. Децата ги учев во училиштето и работев по програмата што ми беше дадена од организацијата и тоа: откривање букви за прво одделение, а на другите одделенија најмногу им раскажував за борбата на нашите народи, за нашата организација, нешто малку колку што знаев за нашето минато, а работев и сметање. Употребував книги пишувани на српски јазик кои ги преведував. Како литература го користав и Билтенот на Главниот штаб на НОВ и ПОЈ за Македонија. Постојано ги пеевме борбените песни ‘Еј, што ми е мило ем драго млада партизанка да станам’, ‘Во борба, во борба македонски народе’, ‘А бре, Македонче каде се спремаш’ “, раскажал учителот како што стои во книгата.

    За жал, училиштето каде на 23 септември 1943, скоро цела година пред АСНОМ, започнала настава на македонски јазик и кое денес требаше да биде храм на македонската писменот, се распаѓа. Целиот објект е во катстрофално лоша состојба. Влезните скали се разурнати, дел од ѕидовите распаднати, а некаде распукани, таванот прокапува, на места е оголен, со искршени врати и прозорци.Единствено само спомен-плочата поставена за јубилејните 30 години од почетокот на наставата, која денес е продупена со куршум, веројатно ловџиски, а сместена во визбата, зашто претходно испаднала од ѕидот, сведочи дека школото е дел од македонската национална гордост. Старата училишна зграда е регистрирано културно наследство од 15 декември 1978.

    Даскалот починал  во 1982  на 78 години и погребан е во селото Подвис во атарот на цркавата „Св Атанасиј“. (Фото: СДК.МК)

    Одекот за отворање училиште на македонски јазик бил толку голем што дури и луѓе од соседните села го посетувале училиштето за како што тој кажал ‘да купат искуство за и тие да почнат со настава‘. Со школото во Подвис се зајакнала вербата во НОБ и желбата за победата.

    „Ние бевме свесни дека тешко може да се работи, дека борбата уште не е завршена, ама тоа го правевме да потврдиме дека се бориме за свое ослободување, да создадеме уште поголемо расположение за борбата. Откако почнавме да работиме со училиштето некои луѓе кои беа неутрални и резервирани повеќе се определија за борбата, даваа скриено оружје, жито, алишта и друго. Што е најважно, интересот за борбата се зголеми. Децата и младинците знаеа дека има партизани во шумата и собираа она што им беше потребно. Тоа го правеа со радост, како што со радост идеа на училиште“, кажал учителот.

    „Смрт на фашизмот, учителе“, бил поздравот до учителот Василко Лазороски од неговите ученици од селото Подвис, десетина километри далеку од градот Кичево, кога завршувала наставата. Учителот бил воденичар, но поради неговиот авторитет и смиреност одлучиле дека тој е вистинската личност за таа работа. Ова му било прво и последно учителствување во многу комплицирано време кога немало ни книги, ни моливи, ни креди. Стажот му бил двојно пресметан, но кажал дека никогаш не добил признание во вид на пофалба или одликување за делото што го сторил. Напротив, неколку години подоцна поради проблеми со задругата бил исклучен од КПЈ. Но, во разговорот објавен во книгата кажал дека до последно му останал прекраот ‘даскалот‘ и го носел со голем гордост.

    Починал  во 1982  на 78 години и погребан е во селото Подвис во атарот на цркавата „Св Атанасиј“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира