Најмалку три експлозии утрово се слушнаа во Киев и властите кажаа дека станува збор за напад со камиказе дронови. Градоначалникот Витали Кличко изјави дека се оштетени цивилни објекти во централната област Шевченкивски.
Ова следува една недела откако центарот на главниот град на Украина беше погоден од неколку руски ракети, при што загинаа 19 цивили.
Шефот на кабинетот на претседателот Зеленски, Андриј Јермак, изјави дека во денешниот напад биле употребени камиказе дронови „шахед“, какви што Русија има добиено од Иран. Русија во изминатиот период често ги користеше овие таканаречени дронови-самоубијци за да напаѓа цивилна инфраструктура, вклучувајќи електрани.
Нападот на Киев следува додека се засилуваат борбите во источните региони Доњецк и Луганск, а украинските сили ја продолжуваат противофанзивата на југот.
„Клучните жешки точки во Донбас се Соледар и Бахмут. Таму се одвиваат многу тешки борби“, кажа Зеленски.
Бахмут е цел на руските сили во нивното бавно напредување низ регионот уште од освојувањето на Северодоњецк и Лисичанск во јуни и јули. Соледар се наоѓа северно од Бахмут.