Кога се преговараше со Бугарија и Франција, имав чувство како со нож да ми го сечат стомакот, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” во Скопје.
Говорејќи за значењето на македонскиот јазик, Ковачевски, сподели, како што кажа, интимни моменти од преговорите за францускиот предлог за тргањето на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
„Бев дел од нашиот преговарачки тим кој обезбеди почеток на преговорите со Европската унија. Тоа беа тешки преговори, се преговараше со Бугарија, со Франција, беа вклучени и другите земји од ЕУ. И целата јавна дискусија, сите напади кои ги имавме и од надвор, сите напади кои ги имавме внатре, целиот тој дискурс кој што го имаше во тие месеци предизвикуваше едно тешко чувство кај нашиот народ, кај граѓаните, кај Македонците. И тоа чувство јас го делев. Јас го имав истото чувство во тие преговори, како што го имаа сите наши граѓани. Чувството беше како некој со нож да ви го сече стомакот. Такво чувство имав. Но, на крајот на денот, некој мораше да донесе одлука. Таа е одлука за иднината на оваа и иднините на генерациите кои доаѓаат. Дали ќе избереме концепт со крената глава како Македонци со заштитен македонски јазик за да ги отпочнеме преговорите со Европската унија“, рече премиерот, завршувајќи го говорот со изјавата:
„Сѐ додека одиме по патот на Блаже Конески, нема од што да стравуваме“.
Б. НЕСТОРОСКА