Претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески ѝ го зеде од говорницата микрофонот на градоначалничката Данела Арсовска на денешната вонредна седница на која требаше да се дискутира за наоѓање решение како Скопје повторно да има функционален јавен превоз.
Откако на минатата седница претседателот Славески ѝ го исклучуваше микрофонот на Арсовска кога таа зборуваше за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и го нарекуваше ‘шпицен градоначалник‘, градоначалничката на службите од Градот им дала наредба да се оневозможи во иднина Славески тоа да го прави. Па на денешната седница копчето на Славески не работеше, а Арсовска самата се пофали дека веќе не може да ѝ го одземе зборот и дека таа како градоначалник на Град Скопје има неприкосновено право да зборува од говорницата.
„Сметам дека не треба да ви се дозволи правото тука да можете со копче некому да кажете кога ќе може, а кога ќе треба да престане да говори затоа што правото на градоначалникот е неприкосновено“, кажа Арсовска по што Славески стана од своето столче дојде до говорницата и го зеде микрофонот на кој говореше Арсовска, по што даде пауза од 10 минути.
На ова претходеше кавга меѓу Славески и Арсовска. Откако Славески ѝ рече на градоначалничката дека не покренала никаква иницијатива за да се најде решение за колапсот кој се случува со јавниот превоз во Скопје, таа му одговори дека изминатава година од него имало иницијатива само да добие скап мобилен телефон и луксузна службена кола со возач.
Утре јавен превоз во Скопје ќе нема од 4.30 часот. Вработените во ЈСП Скопје и денеска не добија плата, а како што рекоа од синдикатите на јавното претпријатие кои присуствуваа на вонредната седница на Советот на Град Скопје, советниците и градоначалничката си тераат политика, а не разговараат за нивниот проблем.
А. АНТЕВСКА