Конгресната комисија на САД која ги истражува минатогодишните немири и нападот на Капитол на 6 јануари издаде законска покана со која му наложува на поранешниот претседател Доналд Трамп да сведочи пред пратениците. Се бара сведочење од поранешниот претседател за кој пратениците велат дека „лично оркестрирал“ повеќеделни напори за поништување на резултатите од изборите во 2020.
Обраќајќи му се на Трамп, документот гласи: „Вие бевте во центарот на првиот и единствениот обид на кој било американски претседател да поништи избори…Знаевте дека оваа активност е незаконска и неуставна“.
Адвокатот на Трамп ги обвини пратениците од комисијата за „непочитување на нормите“. Поранешниот претседател ја критикуваше истрагата како измама дизајнирана да го одвлече вниманието на гласачите од „катастрофата“ на демократското владеење на среднорочните избори во САД следниот месец.
Трамп би можел да се соочи со кривична пријава ако не се одѕве на поканата.Тој има рок до 4 ноември да достави документи до комисијата и мора да дојде на депонирање на сведочењето на или околу 14 ноември. Ако Трамп одбие да сведочи пред Конгресот или да го предаде бараниот материјал, комитетот би можел да го префрли предметот до Министерството за правда – потенцијално предизвикувајќи кривична постапка.
Повикот беше издаден само неколку часа откако поранешниот стратег на Трамп, Стив Банон, беше казнет со 6.500 долари и осуден на четири месеци затвор за непочитување на Конгресот. Тој беше осуден откако одби да даде сведочење или документи на комисијата. На друг помошник на Трамп, Питер Наваро, треба да му се суди за непочитување на Конгресот следниот месец, откако одби да соработува со слична покана.