Скопје минатата недела остана без јавен автобуски превоз оти Градот и ЈСП „Скопје“ немаа пари да поделат плата на вработените, а на наменска сметка стојат 70 милиони евра за подобрување на јавниот превоз. Град Скопје во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) доби 70 милиони евра кредит за реализација на проектот Бас рапид транзит (БРТ) или автобуско метро.
Шилегов ја почна постапката за реализација на овој проект, односно беше изработен проектот и распишан меѓународен тендер за воведување на новиот јавен превоз за Скопје. Но, со доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска проектот беше стопиран и тендерот прекинат. Сега државата поради тоа што не се користат парите од кредитот плаќа годишно по 350.000 евра камата на банката.
Арсовска рече дека нема да го прави проектот оти тоа било ветување на нејзиниот претходник Шилегов кој ги изгубил изборите, а не нејзино. Таа кажа дека ветила бесплатен автобуски превоз за сите граѓани и набавка на 250 еколошки автобуси. Но, после првата година од мандатот не само што нема ништо од овие нејзини ветувања, туку Скопје за првпат во својата историја остана без јавен превоз.
На 6 март, на отчетот за сработеното во првите 100 дена на скопските градоначалници, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска најави дека биле во преговори со светски компании за набавка на 100 електрични автобуси за Скопје и дека наскоро ќе бил распишан тендер. Тој не прецизираше кој преговара, дали ВМРО-ДПМНЕ или партијата заедно со градоначалничката Данела Арсовска која ја поддржа на локалните избори. Исто така, како што кажа Мицкоски, компанијата со која биле во преговори сакала да отвори и фабрика за производство на автобуси во Скопје.
- ОД УТРОВО НЕМА АВТОБУСИ, СКОПЈЕ ЗА ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА ОСТАНА БЕЗ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО МАНДАТ НА ДАНЕЛА АРСОВСКА
-
ДРЖАВАТА ПЛАЌА 350.000 ЕВРА ГОДИШНО НА ЕВРОПСКАТА БАНКА ОТИ АРСОВСКА НЕ ГО ПРАВИ АВТОБУСКОТО МЕТРО
- ПРЕГОВАРАМЕ СО КОМПАНИИ ЗА НАБАВКА НА 100 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ ЗА СКОПЈЕ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ
Градоначалничката не се смета за одговорна ниту планира да си поднесе оставка од функцијата за тоа што во четвртокот граѓаните не можеа да стасаат на работа, учениците во школо, а болните во болници на лекарски прегледи. Вели дека вината е во ВМРО-ДПМНЕ и сите минати раководства на Градот кои го оставиле ЈСП во катастрофална состојба.
„Оставка треба да си поднесат одговорните за управување со ЈСП, односно Управниот одбор на претпријатието изгласан од ВМРО-ДПМНЕ“, ни изјави Арсовска во четвртокот.
Кредитот во висина од 70 милиони евра беше одобрен од ЕБОР лани во април и е наменски за воведување на двете траси од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Кисела Вода до Бутел.
„Проектот ќе ги поддржи напорите на Градот во справување со предизвиците на јавниот превоз на поефикасен и структуиран начин, преку подготовка и имплементација на одржлив урбан план на мобилност. Справување со загадувањето во Скопје е приоритет и ја поздравуваме посветеноста на властите за одлучна и брза акција, каде ЕБОР стои подготвен за целосна поддршка, што се покажува и со денешното потпишување на овој проект”, кажа на потпишувањето на заемот претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси.
Проектот за автобуско метро Градот го правеше со странски експерти, за двете линии, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода, трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат првата траса би биле околу 65.000 на ден. Со имплементција на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на 3-4 минути и од Ѓорче Петров до Ново Лисиче да се стасува за 35 минути.
А. АНТЕВСКА