ПРЕГОВАРАМЕ СО КОМПАНИИ ЗА НАБАВКА НА 100 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ ЗА СКОПЈЕ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ПРЕГОВАРАМЕ СО КОМПАНИИ ЗА НАБАВКА НА 100 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ ЗА СКОПЈЕ, РЕЧЕ МИЦКОСКИМицкоски и Арсовска на еден од митинзите во изборната кампања. (Фото: Фејсбук)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска најави дека биле во преговори со светски компании за набавка на 100 електрични автобуси за Скопје. Тој не прецизираше кој преговара, дали ВМРО-ДПМНЕ или партијата заедно со градоначалничката Данела Арсовска која ја поддржа на локалните избори. Исто така, како што кажа Мицкоски, компанијата со која биле во преговори сакала да отвори и фабрика за производство на автобуси во Скопје.

    „Изминатиот период сериозно работевме на контакти, разговори и преговори со неколку светски компании кои што произведуваат електрични автобуси, кои беа  дел од изборната програма и ветување на независниот кандидат, градоначалничката Данела Арсовска. Со набавка на нови минимум 100 парчиња на електрични автобуси ќе допринесеме за намалување на загадувањето на воздухот и за таа цел изминатиот период остваривме комуникација со многу производители“, рече Мицкоски не денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена на скопските градоначалници.

    На отчетот не присуствуваше градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која досега велеше дека нема пари во буџетот за нови автобуси ниту кредитно може Град Скопје да се задолжи, оти претходникот Петре Шилегов ѝ оставил многу долгови, но автобуси ќе се набават.

    Арсовска досега ниту на прес-конференција ниту како одговор на новинарски прашања не кажала дека се водат преговори со светски компании и дека е при крај подготвување на тендерска документација за набавка на возилата.

    Мицкоски, пак, денес кажа дека наскоро ќе бил распишан тендер.

    „Во завршна фаза сме и во подготовка на тендерската процедура за набавка на овие автобуси, но исто така со сите овие потенцијални снабдувачи разговараме и за отворање на фабрика тука во Скопје во Македонија за производство на овие електрични автобуси во кое што ќе се вработат минимум 500 луѓе. Голем дел од овие компании ни велат, од тука понатаму сакаат да го снабдуваат и европскиот пазар со ваков тип на превозни средства односно електрични автобуси. Мислам дека сме многу блиску и да го официјализираме сето ова, затоа велиме работиме исклучително посветено на екологијата, работиме на исполнувања на ветувањата кои што беа дел од предизборната програма на независниот кандидат, а сега градоначалник Данела Арсовска која што ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја поддржа“, рече Мицкоски.

    Мицкоски на отчетот најави дека во Скопје следува пролетна инфраструктурна офанзива на градби на улици, градинки, водоводи, канализации реконструкции и други капитални инвестиции за кои како што рече ќе говори во друга прилика.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира