ДОЛГОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ЗА ЕДНА ГОДИНА Е НАМАЛЕН ЗА МИЛИОН ЕВРА, РЕЧЕ КАСАМИ

    ДОЛГОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ЗА ЕДНА ГОДИНА Е НАМАЛЕН ЗА МИЛИОН ЕВРА, РЕЧЕ КАСАМИКасами вели дека граѓаните ја вратиле довербата во општинската власт и поредовно ги плаќаат даноците (Фото: СДК.МК)

    Набрзо откако стана градоначалник на Тетово, Билал Касами соопшти, а тоа беше истакнато и на билборди, дека претходната власт на Теута Арифи го задолжила градот со 24 милиони евра. Касами вели дека по една година долгот е намален за милион евра. Според него, тоа се должело на доброто и совесно работење, што, пак, придонело граѓаните да ја вратат довербата во општинската власт и поредовно да ги плаќаат даноците.

    „Ние наследивме општина во хаос, куп проблеми, блокирана сметка и 24 милиони евра долг, не сметајќи ги казнените камати за долговите кои се дадени на извршител. Само на име казнена камата, оваа година извршителите од општината изнудиле близу милион евра. Вкупниот долг на општината сега е намален од 24 милиони евра на 23 милиони. Училиштата веќе немаат долг. ЈП за паркинзи има намалување на долгот, иако тука дополнително откривме непријавен долг од 50.000 евра, кој исто така успеавме да го вратиме. За само 10 месеци, од данок на имот, промет и други општински даноци остваривме зголемување од 120%, односно место планираните 135 милиони денари, собрани се 160 милиони, што е резултат на довербата на граѓаните кон општината“, изјави Касами.

    Сепак, проблемите и натаму се присутни, а тие се најизразени кај Јавното комунално претпријатие, кое и натаму е во долгови и тешко ги исплатува платите. Касами најавува дека ќе го преструктуира во претпријатие со јавно-приватно партнерство, но нагласи дека не размислуваат да ги зголемат цените на комуналните услуги.

    „Состојбата во ЈКП и натаму е тешка. Ова претпријатие имаше речиси 10 милиони евра долг и многу други проблеми, како доцнење на плати и немање доволно кадар и опрема. Ова е единственото јавно претпријатие во кое има мало зголемување на долгот. Состојбата во ЈП ‘Тетово транспорт‘ исто така не е добра, но тука, како и кај сите транспортни претпријатија, мораме да ги субвенционираме трошоците“, посочи Касами.

    Во декември, само два месеца откако го презеде управувањето со Општина Тетово, Касами на неколку билборди објави дека Арифи ја задолжила општината со 24.018.222 евра, додека денес долгот изнесува 23.400.000 евра.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира