СИНОВИ НА МАЈКА БУГАРИЈА СЕ ЗАКОПАНИ ТУКА ЗАТОА ШТО НАРОДОТ БУГАРИТЕ ГИ СМЕТАЛ ЗА СВОИ, РЕЧЕ ЈОТОВА НА ЗАДУШНИЦА ВО БИТОЛСКО ЦАПАРИ

    СИНОВИ НА МАЈКА БУГАРИЈА СЕ ЗАКОПАНИ ТУКА ЗАТОА ШТО НАРОДОТ БУГАРИТЕ ГИ СМЕТАЛ ЗА СВОИ, РЕЧЕ ЈОТОВА НА ЗАДУШНИЦА ВО БИТОЛСКО ЦАПАРИВанчомихајловистите клекнаа пред споменикот додека зад нив стоеја потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова и поранешниот претседател Георги Прванов -(Фото: СДК.МК)

    Со клечење на колена неколкумина ванчомихајловисти од Битола и приврзаници на бугарската кауза се поклонија пред бугарските гробишта во битолското село Цапари каде денеска за Задушница се одржа чествување за битката на Црвените Стени од Првата светска војна, а официјалниот протокол на настанот ги најави како миротворци.

    Ванчомихајловистите клекнаа пред споменикот откако положија цвеќе, додека зад нив стоеја потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, поранешниот претседател Георгиев Прванов, бугарскиот амбасадор и конзулот во земјава Ангел Ангелов и Димитар Иванов. Официјалниот протокол не ги прочита како здружение или бугарски клуб ,,Ванчо Михајлов” иако на лентата од цвеќето тоа го пишуваше, туку како како официјални гости миротворци.

    На чествувањето беа интонирани химните на Македонија и Бугарија.

    ,,214 синови на мајка Бугарија останаа закопани тука пред толку години со голем хероизам заштитувајќи ја Црвената Стена. Нема посилна заповед ни од цар ни од генерал,  од заповедта која ти наложува да се бориш за своите браќа и за слободата на татковината. Живееме во многу тешки времиња и овде треба да си спомнеме и што кажуваат локалните жители. Многу луѓе се погребани тука затоа што за народот Бугарите беа свои. Нема поголема вистина од овие факти. Колку и страници да бидат напишани тоа е вистината”, рече потпретседателката на Бугарија Јотова.

    Таа додаде дека ние сите живееме на Балканот  и тешка е балканската историја, но колку подобро ја познаваме ќе живееме во поголем мир со себеси.

    Претставниците од Бугарија положија цвеќе пред споменикот, а поранешниот бугарски претседател Прванов кој и претходно доаѓал на ова чествување рече: Војните кои нашата војска ги водеше беа праведни, водеа борби за ослободување на нашите сонародници за обединување во една на национална држава.

    „И на други места има наши гробишта каде нашите сонародници ги положиле коските за бугарската идеја. Одавам признание и кон нашите пријатели сојузничките нации кои  дејствуваат овој споменик да биде зачуван како што остана тука во Република Северна Македонија. Тоа е израз на цивилизација кој треба да се пренесува на поколенијата за да можат нашите деца да ја помнат историјата и да ја пренесуваат натаму“, рече Прванов.

    Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов во обраќањето пред присутните рече дека „денешната кратка средба со историјата ни покажува дека таа треба да се прочита внимателно, непристрасно и апсолутно чесно како редослед на факти,  а не со толкувања и импровизации. За да се помни и да не се повторува, за да можеме да продолжиме напред заедно обединети како пријатели и сојузници“.

    Откако заврши церемонијата некои од гостите донесоа стари врамени фотографии на Тодор Александаров, Ѓеорги Мончев, Иван Јосифов и четите на Чернопеев.

    На настанот немаше жители од селото Цапари.

    Во селската црква Свети Ѓорги се одржа панихида за загинатите бугарски војници.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира