ДИРЕКТОРИТЕ НА М-НАВ ПОТПИШАА ОДЛУКА ЗА ЗАМИНУВАЊЕ НА ШКОЛУВАЊЕ ВО ДАНСКА НА НАЈДОБРИТЕ 8 КАНДИДАТИ НА ОГЛАСОТ И ПОКРЕНАА НИВНО ВРАБОТУВАЊЕ, ВЕДНАШ

    ДИРЕКТОРИТЕ НА М-НАВ ПОТПИШАА ОДЛУКА ЗА ЗАМИНУВАЊЕ НА ШКОЛУВАЊЕ ВО ДАНСКА НА НАЈДОБРИТЕ 8 КАНДИДАТИ НА ОГЛАСОТ И ПОКРЕНАА НИВНО ВРАБОТУВАЊЕ, ВЕДНАШДиректпорите на М-НАВ во исто време побарале од Комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за нејзин почеток. (Фото: СДК.МК)

    Управниот одбор на Македонска навигација (М-НАВ) составен од директорите Фахрудин Хамиди, Миѓен Селмани и Владко Крстевски, денеска донел Одлука за потврда и прифаќање на избраните 8 најдобри кандидати за обука за контролори на летање, предложени од комисијата за избор и селекција.

    Согласно Извештајот од Данска за резултатите од тестирањата со ФИС- тестот на 13 кандидати кои успешно ги положија сите тестови спроведени од страна на „Гејт Ејвиејшн Трејнинг“ и во соработка со комисијата на М-НАВ АД Скопје, а во врска со Огласот за прием на 8 кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање и вработување на определено време, објавен на 28.07.2022 година , УО на М-НАВ АД Скопје во текот на денешниот ден ја разгледал целокупната дополнителна документација за кандидатите.

    Управниот одбор од тројца директори донел Одлука за потврда и прифаќање на изборот предложен од комисијата за избор и селекција на кандидати и следствено дал насоки за вработување на кандидатите на определено време и нивно упатување на школување.

    Едновремено го задолжил претседателот на комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката.

    „Мораме да изразиме длабоко жалење што поради некои неточни и непроверени информации кои се пласираа во јавноста , се создаде погрешна слика за процесот околу Огласот за прием на 8 кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање. Потенцираме дека во ниеден момент немаше ниту размислување, а уште помалку превземање на дејствија за прекинување на или поништување на постапката односно Огласот, како што беше наведено во некои изјави и медиумски написи“, кажа попладнево раководството на М-НАВ и додаде дека никогаш нема да си дозволи безбедноста на македонскиот воздушен простор да биде загрозена.

    Вчера, Владата побара од Македонската навигација (МНАВ) да ги следи строгите правила на Еуроконтрол на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на кој што е членка, откако тројцата директори сакаа да го поништат огласот за контролори на летање, на кој од 270 кандидати победија осум најдобри, но деца на обични граѓани, кои не се од партиски списоци.

    Завчера, САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека овие тројца директори, незадоволни што нивните и децата на партиски функционери во кои доминирале тие од ДУИ, не го положиле тестот на Еуроконтрол, сакаат огласот да го поништат и да спроведат нов, без овој задолжителен тест што го полагаат кандидатите за контролори на летање од цела Европа.Тричлениот одбор бараше отчет од Данска зошто отпаднале другите кандидати.Синдикатот на контролори на летање реагираше дека директорите наоѓаат разни причини да не ги пратат овие осуммина кандидати на обуката во Данска, и дека со тоа се загрозува обновувањето на кадарот.

    Завчера, директорот Фахрудин Хамиди кажа дека ја задолжил комисијата во МНАВ за спроведување на огласот, да побара од Данците детален извештај – зошто ги избрале токму овие 8 кандидати.

    „Точно е дека се дигна прашина за оваа работа. Не е точно дека сега треба да се пратат на школување овие 8 избрани кандидати. Селекцијата почна во септември место во јуни. Сè се пролонгира за 3 месеци, зашто огласот не беше распишан во април. Нема готова ранг-листа, тие тврдења на Синдикатот и на здружението не се точни. Тој избор, таа листа, не е поткрепен со аргументи и податоци од економскиот оператор – кој паднал, зошто паднал, со колку бодови не успеал да продолжи понатаму… Можеби некој што освоил бодови, не е меѓу тие 8 и може да тужи! Не е точно дека ние ќе плаќаме пенали кон операторот, туку тој кон МНАВ. Бараме црно на бело, документ, дека навистина овие момци поминале на тестирањето“, рече директорот на УО на МНАВ Фахрудин Хамиди.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира