ВОЈНАТА НЕ Е ЗАВРШЕНА, ВЕЛИ УКРАИНА ОТКАКО РУСИТЕ СЕ ПОВЛЕКОА ОД ХЕРСОН

    ВОЈНАТА НЕ Е ЗАВРШЕНА, ВЕЛИ УКРАИНА ОТКАКО РУСИТЕ СЕ ПОВЛЕКОА ОД ХЕРСОНЖителите на Херсон викендов го слават ослободувањето на градот, кој е пред хуманитарна катастрофа. (Фото: АП)

    Украинските власти предупредија „војната не е завршена“ по повлекувањето на Русија од Херсон, иако прославите продолжуваат во текот на викендов. Шпалири радосни жители во петокот ги пречекаа украинските војници во Херсон – единствениот регионален главен град што Москва го освои од почетокот на војната во февруари. Слични радосни сцени имаше и во други региони низ Украина, меѓу нив и главниот град Киев и Одеса.

    Но, и покрај ударот за Русија, украинските власти и натаму се претпазливи. Јуриј Сак, советник на украинскиот министер за одбрана, предупреди дека е „прерано да се опуштиме“.

    „Отсекогаш верувавме дека ќе го ослободиме Херсон. И ние сме уверени дека сега Русите почнуваат да веруваат оти никогаш нема да можат да победат во оваа војна. Ја гледаме паниката во нивните редови. Ја гледаме паниката во нивната пропагандна машина. Но, се разбира, ова е многу важен момент, но… оваа војна е далеку од завршена“, рече тој..

    На Херсон му недостасува вода, лекови и храна, но залихите за итни случаи почнуваат да пристигнуваат од блискиот Миколаив, вели помошникот на градоначалникот на градот Роман Головња. Тој вели дека сега во Херсон живеат 70-80.000 луѓе, а пред војната имаше 320.000 жители.

    Претседателот Володимир Зеленски рече дека „пред да побегнат од Херсон, окупаторите ја уништија целата критична инфраструктура – комуникациите, снабдувањето со вода, топлина, струја“. Сè уште не е јасно кога ќе биде вратена електричната енергија во градот – блиските области се очекува да ја вратат за неколку дена. Прекините на струја ги спречија пекарите во Херсон да прават леб. Украинските сили ја започнаа огромната задача за демонтирање на руски мини и замки во и околу Херсон, рече Зеленски. Во меѓувреме, украинската телевизија ги обнови емитувањата во областа – клучен извор на вести за многу Украинци.

    Јуриј Сак предупреди на континуираниот ризик од ракетни напади – како и Олексиј Кулеба, шеф на воената администрација на регионот Киев. Русија во последните недели истрела проектили врз енергетската инфраструктура на Украина, сериозно оштетувајќи го производството на земјата.

    „Во текот на изминатиот месец… видовме масовно гранатирање на мирни населби во Украина. Сега сакам да кажам дека заканата од ракетни напади врз регионот на Киев останува висока“, рече Кулеба.

    Во меѓувреме, поранешниот шеф на Советот за национална безбедност на Украина, Олександр Даниљук, предупреди дека руските трупи кои се повлекле од Херсон ќе ја преминат реката Днепар за да „одат во длабока одбрана на левиот брег“, велејќи дека „тоа ќе ги стави во поволна позиција“. Москва соопшти дека околу 30.000 трупи биле извадени од областа – како и околу 5.000 парчиња воена опрема, оружје и други средства.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира