Со предложената брза интервенција во Законот за аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ), која веќе е во собраниска процедура, пет национални телевизии само од проектираниот државен Буџет за 2023 година за владини реклами ќе поделат 4,24 милиони евра.
Тие потоа имаат право да земат и од Општините на чие тло се регистрирани, плус од Град Скопје, вели предложениот текст за враќање на корупцијата во медиумите, потпишан од пратениците Марија Георгиевска (СДСМ), Диме Велковски (СДСМ), Арбана Пашоли (ДУИ), Исмаил Јахоски (ДУИ) и Коле Чаракчиев (СДСМ).
Со предложените измени, за „кампањите за подигнување на јавната свест“ , се обезбедуваат задолжителни 0,1 отсто од Буџетот на државата. Од нив, 80 отсто се наменети за кампањи од јавен интерес кои ќе се емитуваат само на пет национални телевизии (Сител, Канал 5, Телма, Алфа и Алсат) кои ќе добијат околу над 4 милиони евра, а останатите 20 отсто (околу милион евра) се наменети за 40 регионалните телевизии и за радијата на државно и на регионално ниво.
Ако Буџетот за 2023 година е проектиран на пет милијарди и двесте и осумдесет илјади евра, 0,1 отсто за владини реклами е пет милиони и двесте и осумдесет илјади евра (5.280.000 евра). Од оваа сума, отпаѓаат 80 отсто за плаќање на рекламите во националните телевизии, или 4,24 милиони евра годишно.
Но, им се дава законска можност сега тие и повеќе да наплатат во текот на годината, за општински и за реклами од т.н. јавен интерес од Град Скопје. Со предложените измени, Општините и Градот може да одвојат 0,5 отсто од приходите за реклами во телевизиите и локалните радија.
Целта на овој Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е воведување на начин на изборот на емитување на кампањи од јавен интерес со цел да се има поголема транспарентност при изборот како и почесто спроведување и емитување на истите со цел на поголемо подигнување на јавната свест.
Измените не само што се во насока на поткуп на телевизиите и радијата со пари на граѓаните, туку ќе значат и мешање и контрола на уредувачката политика во нив, од нарачателот на кампањите, Владата. Исто како што беше во времето на Никола Груевски.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали ќе потпише указ на вака изменет Закон за АВМУ со што се враќа рекламирањето во медиумите, претседателот на Македонија Стево Пендаровски ни одговори дека првин ќе се консултира со новинарските здруженија.
„Претседателот Пендаровски ќе ја сочека комисиската расправа и расправата на пленарната седница за Измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се брише член 102 од Законот кој забрануваше владино рекламирање во медиумите. По дебатата и евентуално изгласување, претседателот ќе направи консултации и со новинарските здруженија и ќе се произнесе за понуденотото решение. Залагањата на претседателот се законските решенија во сите сфери, вклучително и во областа на медиумските права и слободи да бидат на линија со европските стандарди и практики“, кажаа од Кабинетот.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) уште во април годинава упатија писмо со реакција до Претседателот, до премиерот, претседателот на Собранието и координаторите на политичките партии, во кое предупредија дека „оваа пракса на откупување на простор во медиумите од страна на јавните установи во медиумите за кампањи може да ја поткопа независноста во медиумите и да го загрози правото на слобода на изразување. Дополнително, ова може сериозно да го наруши медиумскиот пазар кој и така е под влијание преку јавни средства кои се предвидуваат во Изборниот закон преку платената политичка програма (ППР)“.
Собранието во 2017, на предлог на претходната влада на чело со премиерот Зоран Заев, со посебен член го укина владиното рекламирање во медиумите баш поради искуството што го остави претходаната власт на ВМРО-ДПМНЕ со корупцијата со јавни пари и поради контролата во уредувачката политика. Власта на Никола Груевски за владино рекламирање потроши 38 милиони евра од 2008 до 2015, при што главнината одеа за Сител и Канал 5.
Но сега, оваа петорка пратеници од владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ предлага да се избрише укинувачкиот член, за да се врати одново таа корупција, контрола и недозволени влијанија за кои како држава Македонија е предупредувана на секој чекор од најрелевантните меѓународни претставници.
Овие пет предлагачи во законските измени многу прецизно го трасирале патот како уште во јануари да се формираат т. н. комисии во Собранието од пет пратеници од власта и тројца од опозицијата, кои ќе ги разгледуваат идеите за рекламирање, а ќе предлагаат и тие. Последниот збор се бара да го има Комисијата за избори и именувања, чија претседателка е токму Марија Георгиевска од СДСМ, една од предлагачите на враќањето на владините реклами во петте национални телевизии.
Освен за реклами за подигнување на јавната свест, ќе се трошат пари и за нивно осмислување и за идејно решение. Тие агенции Владата ќе ги бира на тендер, со додатно трошење народни пари. Исто и Општините и Град Скопје.
С. К. ДЕЛЕВСКА