СТРУЖАНИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА НЕМААТ ЧИСТА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, МЕРКО ВЕЛИ ДЕКА ПРОБЛЕМОТ ЌЕ СЕ РЕШИ СО ЗАМЕНАТА НА АЗБЕСТНИТЕ ЦЕВКИ

    СТРУЖАНИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА НЕМААТ ЧИСТА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, МЕРКО ВЕЛИ ДЕКА ПРОБЛЕМОТ ЌЕ СЕ РЕШИ СО ЗАМЕНАТА НА АЗБЕСТНИТЕ ЦЕВКИСтружани велат дека плаќаат високи сметки за вода, а мора да ја купуваат од продавница (Фото: СДК.МК)

    Стружани се жалат дека пијат заматена вода, а плаќаат високи сметки на јавното претпријатие „Водовод“. Велат дека по врнежливо време водата од градскиот водовод е обоена и овој проблем се провлекува со години.

    „Во време на економска криза плаќаме високи сметки за вода, а мора да ја купуваме од продавница, оти тече заматена вода“, велат стружани.

    Од „Водовод“ појаснуваат дека во периоди на дождови доаѓа до загадување кај изворите во Шум, предизвикано од електраните. Градоначалникот Рамис Мерко вели дека со промената на азбестните цевки конечно ќе се надминат проблемите со водоснабдувањето.

    „Со тоа ќе имаме ново, сигурно и количинско снабдување со вода во населените места. Ова е значаен проект и се надеваме дека нема да имаат проблем ни Дрслајца, Ложани, Ливада, Велешта и Добовјани, значи ова е  огромен зафат што во изминатите 60-70 години никој не размислил како да го реализира“, вели Мерко.

    Замената на азбестните цевки и реконструкцијата на пумпната станица кај село Шум, Мерко ги најави пред една година. Тогаш кажа дека вредноста на почетната инвестиција е 400.000 евра обезбедени од Општината, а дополнителни 200.000 евра ќе се трошат за зафатите со кои ќе се обезбедува вода во руралните средини. Целосното обновување на пумпната станица во Шум ќе биде финансирано од Министерството за транспорт и врски.

    „Новата станица ќе троши помалку струја, а ќе исфрла повеќе вода. Исто така, изворите кои се во близина, а кои досега служеа за наводнување на земјоделски површини, ќе бидат ставени во функција за водоснабдување“, рече Мерко.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира