Владимир Путин првпат се сретна со мајки на руски војници кои се борат во Украина, истакнувајќи дека не жали што го почна она што го нарекува специјална воена операција. Тој им кажа да не веруваат во сè што ќе видат на телевизија или ќе прочитаат на интернет зашто кружат многу лажни вести за војната во Украина.
Иако двете страни не објавуваат официјални бројки, САД проценуваат дека во деветмесечната војна загинале десетици илјади војници.
Седејќи на маса со група мајки, Путин им кажа дека Москва ја дели болката со оние кои ги изгубиле своите синови.
„Сакам да знаете дека јас лично, но и целото водство на земјата ја дели вашата болка. Свесни сме дека ништо не може да ја замени загубата на син. Ја делиме оваа болка со вас“, вели Путин.
Коментарите на мајките не се слушаат во претходно снимената снимка на државната телевизија.
Путин во февруари испрати десетици илјади руски војници во инвазија на Украина, а потоа нареди мобилизација на уште 300.000 резервисти, за да се надоместат огромните загуби на фронтот.