Општина Центар од денеска не смее да издава одобренија за градба на Водно и во Капиштец. Уставниот суд донесе времена мерка со која се запираат сите активности на Општина Центар кои се однесуваат на издавање на дозволи за градење врз основа на Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт Ј07, донесен од Советот на Општина Центар во 2014. Станува збор за планот со кој се опфатени плацевите на Водно на семејствата Камчеви и на избеганиот експремиер Никола Груевски за кои се води судски процес.
„Оваа времена мерка ќе важи сѐ до донесување на конечна одлука на Судот, бидејќи Уставниот суд веќе одлучи да поведе постапка односно изрази сомнеж за уставноста на постапката за донесување на планот Ј07’, соопшти портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска.
Уставниот суд минатиот месец ја прифати иницијативата за разгледување на законитоста на Деталниот урбанистички план за дел од Општина Центар Градска четврт Ј07. Иницијативата до судот е поднесена од граѓанин на Центар во февруари минатата година, а на дневен ред пред уставните судии дојде на последната седница.
Во иницијативата до Судот се вели дека одлуката од Советот на Општина Центар за конкретниот ДУП не била донесена со потребното мнозинство, согласно Законот за локална самоуправа. Наместо со неопходни минимум 12 гласови, седницата на Советот на која се постапувало по оспорената одлука биле присутни 12 членови од вкупно 23 членови на Советот на Општина Центар, при што „за” гласале 11 членови и еден советник бил воздржан.
А. АНТЕВСКА