Вработените од фабриката за шински возила „Колска“ реагираат што ниту по месец и половина немаат добиено директор, откако Владата на 13 октомври го разреши тогашниот раководен кадар. Тие посочуваат дека имаат завршени обврски кои биле тековни, но им фали репроматеријал за да можат вагоните да се вратат на нарачателот.
„Десет коли се готови, но нема боја и лак за да можат да се довршат и бидат испорачани. Немаме репроматеријал за работа оти немаме директор и нема кој да набави и плати. Премногу долго се бара кадар за замена. Очигледно нема интерес да се дојде во фабрика која има блокирана сметка“, велат вработените.
Тие при неодамнешниот престој на премиерот Ковачевски во Велес лично му се пожалиле за ваквата состојба, а бил запознат и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
На 90. седница на Владата одржана на 13 октомври беа разрешени управителот и членовите на надзорниот одбор. Образложението беше дека раководството покажало негативни финансиски резултати во работењето, и покрај тоа што на овој субјект му била доделена финансиска поддршка од Владата.
Претходно, вработените од „Колска” два дена протестираа на железничката станица во Велес, барајќи да се одблокира сметката на компанијата поради заостанат долг од околу 650.000 евра направен во периодот од 2013 до 2017 година.
П. ПЕЧКОВ