Анонимни дојави за поставени бомби во шест основни и средни училишта во Кавадарци ги евакуираа учениците од школите. Од полицијата сооптија дека пријавите се добиени утрово на електронска адреса на училиштата.
„Утрово и претпладнево во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на шест училишта, три средни и три основни, во Кавадарци е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти Ристе Самарџиев , портпарол на СВР Велес.
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев кажа дека поради непосредна близина на едно од училиштата евакуирана е и градинка во село Марена. Евакуирани биле учениците од основните училишта ,„Тоде Хаџи-Тефов“’ Кавадарци, и подрачно училиште во село Бегниште, „Димката Ангелов-Габерот’’ Кавадарци и подрачното училиште во село Сопот, „Страшо Пинџур“ Кавадарци, и подрачните училишта во селата Марена, Возарци и Дреново, Гимназијата „Добри Даскалов Кавадарци, шумарското средно „Ѓорче Петров“ и средното „Ќиро Спанџов-Брко“.
Во Кавадарци има пет основни и три средни училишта и едно во село Ваташа.
П. ПЕЧКОВ