ДВЕ НЕДЕЛИ ПО АСФАЛТИРАЊЕТО, СЕ КОРНЕ АСФАЛТОТ НА УЛИЦАТА КОЗАРА ВО СКОПСКИ КАПИШТЕЦ

    ДВЕ НЕДЕЛИ ПО АСФАЛТИРАЊЕТО, СЕ КОРНЕ АСФАЛТОТ НА УЛИЦАТА КОЗАРА ВО СКОПСКИ КАПИШТЕЦОд Општина Центар сега велат дека биле утврдени грешки и затоа му е наложено на изведувачот да ја асфалтира одново. (Фото: СДК.МК)

    Две недели по асфалтирањето на улицата Козара во скопски Капиштец, се корне асфалтот. Со багери се отстранува вториот и финален слој, па улицата повторно е раскопана и со издигнати шахти.

    Откако пред неколку месеци фирмата изведувач при поставување на првиот слој ги асфалтираше и шахтите, сега има грешки во изведбата на вториот слој. По реакцијата на граѓаните, работниците тогаш го откорнаа асфалтот, но го фрлија во шахтите со што ги затрупаа. Мораше да интервенира Општината за да се реши проблемот.

    Од Општина Центар сега велат дека биле утврдени грешки и затоа му е наложено на изведувачот да ја асфалтира одново.

    „По утврдување на грешки направени од страна на изведувачот во изведбата на улицата Козара од страна на надзорот и Општина Центар, истиот започна со активности за отстранување на грешките и оспособување на улицата. Овие градежни работи се на трошок на изведувачот“, велат од Општина Центар.

    Улицата Козара почна да се реконструира летово. На оваа улица изникнаа еден куп згради и заради  изведба на приклучоците беше цела раскопана. Поради тоа Општината почна со реконструкција, но таа никако да заврши. Жителите велат дека улица од стотина метри се прави пола година, постојано дишат прашина, а од дупките и издигнатите шахти на улиците ги искршиле колите.

    Тогаш градоначалникот Горан Герасимовски рече дека во иднина Општината ќе ги казнува изведувачите поради несоодветно завршување на градежните работи. Од Општината не кажуваат дали изведувачот е казнет.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира