СОПРУГАТА НА ПРЕМИЕРОТ, ЕЛЕНА КОВАЧЕВСКА, МЕЃУ ОСНОВАЧИТЕ НА ФИРМА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА

    СОПРУГАТА НА ПРЕМИЕРОТ, ЕЛЕНА КОВАЧЕВСКА, МЕЃУ ОСНОВАЧИТЕ НА ФИРМА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈАЕлена Ковчевска е меѓу петтемина сопственици на „Сол груп 5 ДОО Скопје“; - Од престојот во Њујорк во септември со премиерот Ковачевски на Генералното собрание на Обединетите нации. (Фото: СДК.МК)

    Елена Ковачевска, сопругата на премиерот Димитар Ковачевски, влегува во бизнисот со производство на електрична енергија преку компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, во која е една од петтемина сопственици. Компанијата планира да гради енергетски капацитет со моќност од 1.8 мегавати, објави А1он.

    „Сол груп 5 ДОО Скопје“ во улога на инвеститор, нарачала и во август минатата година добила готов урбанистички проект со намена за површински и соларни фотоволтаични електрани, односно за изградба на фотоволтажна централа од 1.8 мегавати во Радовиш. Од Министерството за транспорт и врски за „А1он“ потврдуваат дека целокупната постапка за донесување на урбанистичкиот проект ја воделе во 2021.

    „Министерството за транспорт и врски донесе позитивно мислење, планот е одобрен и направен е преклоп во Агенцијата за катастар за недвижности. Со тоа, постапката во Министерството завршува“, велат од институцијата.

    До овој момент, „Сол груп 5“ нема поднесено барање за добивање одобрение за градење до Министерството за транспорт и врски, ниту, пак, барање за издавање лиценца за производство на електрична енергија од Регулаторната комисија за енергетика, која е претпоследна инстанца, пред компанијата да може да излезе на пазарот за продажба на електрична енергија.

    Уделот во компанијата на Елена Ковачевска е пријавен во анкетниот лист на премиерот. Пријавениот удел е во вредност од 62.000 денари, сума идентична на нејзиниот основачки влог во компанијата.

    Катастарските парцели наведени во урбанистичкиот проект се во некогашното село Раклиш, кое денеска е населба на Општина Радовиш. Според податоците од урбанистичкиот проект, парцелите имаат површина од 22.224 метри квадратни, додека само на пола од нив, односно 11.056 метри квадратни е развиена површина за градба, каде е предвидено да никне централата за производство на електрична енергија од сончеви зраци. Врз основа на урбанистичкиот проект и потврдата издадена од Министерството за транспорт и врски, веќе е направена и промена на катастарските парцели – од ниви во градежно неизградено земјиште.

    Редакцијата А1он добила увид во историјатот на катастарските парцели, при што документите покажуваат се работи за пет катастарски парцели кои компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“ ги купила на 22 декември 2020 година од лицето Димитар Тренчев. Покрај Ковачевска, Тренчев исто така се појавува како еден од основачите и сопствениците во компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, формирана во октомври 2020, а два месеца подоцна Тренчев ѝ ги продава парцелите на компанијата во која е и косопственик.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира