Пешачката зона од Триумфалната порта до Плоштад Македонија во строгиот центар на Скопје е затрупана со коли, таксисти, комбиња и камиони. Возила слободно си влегуваат преку Портата и си возат низ Плоштадот затоа што столпчињата се искршени.
Целиот просторот меѓу Портата и зградата на ЕСМ каде порано се наоѓаше сендвичарата „Чичко Стоилко“ и од каде се влегува во Градскиот трговски центар е паркинг. Коли се паркирани која каде стигне и нема простор за движење на граѓаните. Просторот исто така е блокиран и со возила на ЕСМ кои си направиле паркинг и го заградиле со столпчиња.
Под Портата стојат паркирани таски возила и комбиња за превоз, а новиот плочник поставен пред две години кон Плоштадот е цел узурпиран не само од коли, туку и од камиони, автобуси и приколки. Паркирани коли стојат речиси и на Плоштадот односно пред ТЦ „Лумикс“ кај зеленилото и плочата на Мајка Тереза.
На Плоштадот слободно си влегуваат коли. Столпчињата се искршени и додека минувавме кола возеше низ Плоштадот и излезе преку Портата.
Ваквата слика во стригиот центар на градот е секојдневие, но нигде ги нема сообраќајната полиција, инспекција од Град Скопје и пајак службата.
А. АНТЕВСКА