Сите решенија за сечење дрвја низ Скопје отсега Градот ќе мора јавно да ги објавува. Оваа одлука беше усвоена на вчерашната седница на Советот на Град Скопје, а беше предложена од советниците на „Зелен хуман град“.
Со донесувањето на ваква одлука, сите решенија што Град Скопје ги издава за интервенција врз зеленило ќе бидат јавно објавувани заедно со записниците на денот на нивното издавање. Решенијата нема да станат правосилни додека не истече законски утврдениот рок за жалба и не поминат процесите на обжалување.
Од „Зелен хуман град“ велат дека оваа одлука ја предложиле откако минатата недела во близина на ТЦ „Мавровка“, ЈП „Паркови и зеленило“ ран наутро во неработен ден, на државен празник, со обемна механизација отстранија повеќедецениски дрвја.
За предлогот гласаа 28 советници од сите советнички групи.
А. АНТЕВСКА