Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против поранешен обвинител, поранешен министер без ресор и уште 8 други лица, зашто државен имот и пари во вредност од 450 илјади евра, ги украле и ги ставиле во нивно здружение на граѓани. Тие се осомничени дека сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување. Осомничените со преземените криминални дејствија на помагање на првоосомничениот сите заедно предзвикале штета од значителни размери во висина од 25.502.282,00 денари (450.000 евра) на државниот Буџет.
Како што соопшти Обвинителството, во периодот од 2010 до 2018, во Делчево првоосомничениот, поранешен јавен обвинител, во својство на службено лице-секретар и законски застапник, член на Собрание и член на Извршен одбор на здружение на граѓани во државна сопственост, а истовремено и одговорно лице-управител во фирма во приватна сопственост, ја искористил својата службена положба и ги пречекорил своите службени овластувања. Поранешниот обвинител, во периодот од 2010 до 2015, со намера да прибави противправна корист за себе, а подоцна во периодот од 2015 до 2018 за себе и за својот син, ја искористил својата службена положба и ги пречекорил своите службени овластувања.
Првоосомничениот со умисла, потпомогнат од останатите осомничени во својство на службени лица-членови на органите на граѓанското здружение и друштвото во приватна сопственост, преземале противправни дејствија со кои противправно сукцесивно го присвоиле севкупниот движен и недвижен имот, имотни права и парични средства сопственост на граѓанското здружение во државна сопственост и го префрлиле на правното лице-друштво во сопственост на првоосомничениот што ја извршува истата дејност како и здружението, кое 2017 згаснало поради ликвидација.
Покрај членовите на Собранието и Извршниот одбор на здружението, меѓу кои е осомничен и поранешен министер без ресор, осомничени се раководител во Управата за имотно-правни работи во Министерството за финансии, државен правобранител, нотар и двајца овластени регистратори од Централен регистар.
На предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи мерка куќен притвор за двајцата првообвинети.
С. К. ДЕЛЕВСКА