ФИФА размислува да го задржи сегашниот формат, наместо променетиот, на следното Светско првенство, што ќе се игра во 2026 година во САД, Канада и Мексико. Бројот на учесниците тогаш ќе се зголеми од 32 на 48, кои требаше да бидат поделени во 16 групи со по три селекции, а најдобрите две би се пласирале во следната рунда.
Сепак, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кажа дека ова би можело да се промени откако сегашниот формат со по четири селекции во една група се покажал како голем успех во Катар.
„Групите со четири селекции овдека беа апсолутно неверојатни. До последната минута на последниот меч не се знаеше кој оди понатаму. Мора повторно да го разгледаме овој формат и за тоа секако ќе се расправа на следниот состанок“, изјави Инфантино.
Форматот со четири екипи во една група важи од Светското првенство во 1998, кога бројот на учениците беше зголемен на 32.
Инфантино го опиша Мундијалот во Катар како најдобриот досега.
„Немаше инциденти, се играше во радосна атмосфера. Првенството беше голем успех, мечевите ги гледаа пет милијарди луѓе“, кажа шефот на ФИФА.