Лео Меси го исполни својот најголем сон со триумфот на Аргентина во финалето на Светското првенство во Катар и сега има освоено буквално сѐ и можеби стави крај на дилемите кој е најдобар фудбалер на сите времиња.
Она што му недостигаше беше светска титула и сега ја има и неа, покрај тоа што беше прогласен за најдобар играч на првенството.
Со репрезентацијата на Аргентина Меси ја освои и Копа Америка минатата година, беше олимписки првак во 2008 и светски младински шампион во 2005.
На клупски план, Лигата на шампионите ја освои четири пати, десет пати беше првак на Шпанија и еднаш на Франција, трипати триумфираше на Светското клупско првенство и уште толку пати на Европскиот суперкуп.
Меѓу индивидуалните признанија се издвојуваат седумте златни топки, како и шесте златни копачки за најдобар стрелец во Европа.