ПОВЕДЕНА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ПРОТИВ РУСКОВСКА, ТРАЈЧЕВА И ЈОСИФОВСКА ЗА ПРЕТРЕСОТ ВО ФИНАНСОВАТА ПОЛИЦИЈА, ПО ПОДНЕСЕН ПРЕДЛОГ ОД ШЕФОТ ЈОВЕСКИ

    ПОВЕДЕНА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ПРОТИВ РУСКОВСКА, ТРАЈЧЕВА И ЈОСИФОВСКА ЗА ПРЕТРЕСОТ ВО ФИНАНСОВАТА ПОЛИЦИЈА, ПО ПОДНЕСЕН ПРЕДЛОГ ОД ШЕФОТ ЈОВЕСКИПротив ова решение на комисијата, жалба не е дозволена (Фото:СДК.МК)

    Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност поведе дисциплинска постапка пред Советот на јавни обвинители против поранешната шефица на ОЈО за спречување организиран криминал и корупција Вилма Русковска, како и против обвинителките од истото обвинителство Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, за професионални грешки при претресот на Управата за финансиска полиција.

    Следната фаза е повикување на седница на подносителот на предлогот за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност Арафат Муареми и трите јавни обвинителки, кои имаат право да предложат свои докази и непосредно да дадат изјави во врска со поднесениот предлог.

    Предлогот за дисциплинска постапка на Русковска, Трајчева и Јосифовска им го поднесе државниот обвинител Љубомир Јовески.

    „Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Комисијата одржа расправа на која го разгледа писмениот извештај од известителот по предлогот за поведување дисциплинска постапка и писмените изјаснувања на јавните обвинителки, по што оцени дека постои основано сомнение дека трите јавни обвинителки сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство“, соопшти денеска Обвинителството.

    Против ова решение на Комисијата не е дозволена жалба.

    Во јули додека Русковска беше на годишен одмор, по нејзина наредба во Финансовата полиција и кај тогашниот директор Арафат Муареми влегоа да вршат претрес истражители, водени од Трајчева и Јосифовска. Запленија компјутер, ги побараа сите анонимни пријави кои стигнале до Финансовата полиција. Русковска се сомневаше во трицифрената бројка анонимни пријави за финансов криминал, а се сомневаше и дека оваа институција не постапува по нив.

    Муареми веднаш ја пријави Русковска, не само кај државниот обвинител Љубомир Јовески и пред Советот на јавни обвинители, туку кривична пријава ѝ поднесе и во Скопското обвинителство. Таму веќе тече сослушување и истрага.

    Јовески го испита постапувањето на обвинителките Трајчева и Јосифовска по наредба на Русковска и утврди прекршување на постапката при претресот, по повеќе основи.

    Русковска, пак, побара помош од амбасадите на ЕУ и САД за притисоци и линч врз неа.

    Набргу Јовески ја суспендираше Русковска, а на нејзино место, до изборот на Исмаил Абази за нов шеф, за в. д. шеф на ОЈО за организиран криминал го постави обвинителот Трајче Пеливанов. По суспензијата, поднесе предлог за дисциплинска постапка против Русковска, Трајчева и Јосифовска, кој денеска се прифати од комисија во Советот на јавни обвинители.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира