Општина Охрид ќе организира дочек на Нова година на Градскиот плоштад со настап на Петар Нечоски, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и диџеите Багзи и Јана Слеј.
За охриѓани и гостите предвидена е дводневна забава, почнувајќи од денската програма за децата на 31 декември и 1 јануари.
„Новогодишната програма започнува на 31 декември на Градскиот плоштад од 12 часот кога ќе настапи Хорот при КУД ‘Гердан од бисери’, а од 13 до 15 часот ќе има новогодишна театарска претстава ‘Дружината на Дедо Мраз’ и мјузиклот ‘Трите прасиња’“. Вечерта од 20 часот на плоштадот ќе настапат Петар Нечоски, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и диџеите Багзи и Јана Слеј. Празничната програма продолжува на 1 јануари точно на пладне со настап на Марија Савеска и групата ‘Камелеон’, а интересен ќе биде и проектот ‘И повторно евергрин’ со настап на Лидија Кочоска, Влатко Груески и Андреј Наунов“, вели градоначалникот Кирил Пецаков.
Пецаков очекува голем број туристи од земјава и странство да бидат во Охрид за време на новогодишните празници, а истакнува дека Оштината ќе се погрижи и за забавниот дел за време на Богојавленските празници. Засега е потврдено дека по чинот на осветување на езерските води, на 19 јануари на плоштадот „Св. Климент Охридски“ ќе настапи групата „Чалгија саунд систем“.
С. ВРЕНЦОВСКА