И ПОКРАЈ КАВГАТА СО АРСОВСКА, ВМРО-ДПМНЕ ГО ИЗГЛАСА БУЏЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА 2023, ВРЕДЕН Е 114 МИЛИОНИ ЕВРА

    И ПОКРАЈ КАВГАТА СО АРСОВСКА, ВМРО-ДПМНЕ ГО ИЗГЛАСА БУЏЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА 2023, ВРЕДЕН Е 114 МИЛИОНИ ЕВРААрсовска вели дека со буџетот ќе продолжат започнатите проекти и ќе се реализира програмата „За модерно Скопје“. (Фото: К. Попов)

    Со 28 гласа „за“, доцна синоќа беше изгласан  буџетот на Град Скопје за наредната година вреден 114 милиони евра. За него и покрај кавгата со градоначалничката Данела Арсовска гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, додека СДСМ не го поддржаа и на гласањето беа воздржани. Со тоа не се блокираше работата на Градот како што се очекуваше, откако Арсовска во септември се скара со ВМРО-ДПМНЕ и оттогаш постојано меѓусебно се препукуваат, се обвинуваат за криминали и блокади, а градоначалничката дури рече дека лидерот на партијата Христијан Мицковски ѝ се заканувал дека ќе ја влече по улица.

    Основниот буџет на Градот ќе биде 72 милиони евра, дотации од централната власт ќе бидат 33 милиони евра, од самофинансирачки активности 5,7 милиони евра, а од донации 2,5 милиони евра.

    Во материјалите кои беа доставени до советниците, а не беа испратени до новинарите, нема описи за проектите и колку пари за нив се предвидени тука само вкупните пари расподелени по сектори. На пример наведено е дека за секторот животно средина се предвидени 96.300.000 денари или за комунални дејности 2.713.750.000 денари, но не се наведени поединечно проектите кои ќе се реализираат како што се правеше години наназад.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша градоначалничката Данела Арсовска кои ќе биде капиталните проекти кои Градот ќе ги реализира догодина, со оглед дека тоа не е наведено во буџетот и дека таа од говорницата не ги кажа.

    „Сите проекти кои се почнати ќе се продолжат. Ќе се прави Луна паркот, ќе се работи на клучката кај Момин поток, на булеварското решение после мостот на Љубљанска, на булеварот Борис Трајковски кон Пинтија, како и проширувањето во булевар на сегашната улица Цветан Димов која е тесно грло во Чаир. Благодарение на Советот на Град Скопје и конструктивноста на сите советнички групи, ќе се реализираат голем број проекти од програмата ‘За Модерно Скопје‘. Предвидени се значителни средства за субвенции на социјално ранливи категории граѓани кои имаат потешкотии поради актуелната економска и енергетска криза“, рече Арсовска.

    Со буџетот не се предвидени пари за главното изборно ветување на Арсовска, воведување на бесплатен автобуски превоз за сите граѓани и набавка на нови 250 еколошки автобуси. Предевидени се субвенции од 12 милиони евра за ЈСП, но тие пари се за бесплатен превоз за пензионери и за надминување на потешкотиите во работењето на претпријатието.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира