КУМАНОВО ЌЕ ДОБИЕ БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ  ПРЕВОЗ, ЗАСЕГА Е ПРЕДВИДЕНО ДА ТРАЕ 6 МЕСЕЦИ И ЌЕ ЧИНИ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА

    КУМАНОВО ЌЕ ДОБИЕ БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ  ПРЕВОЗ, ЗАСЕГА Е ПРЕДВИДЕНО ДА ТРАЕ 6 МЕСЕЦИ И ЌЕ ЧИНИ ПОЛА МИЛИОН ЕВРАБесплатениот превоз е воведен да се помогне на граѓаните во време на еконосмка кризата. (Фото: СДК.МК)

    Општина Куманово од 1 јануари ќе воведе бесплатен јавен превоз, кој е предвидено да трае 6 месeци. За таа услуга од општинскиот буџет на приватните превозници ќе им бидат исплатени 30 милиони денари или 485 илјади евра. Предлог-одлуката за субвенционирање општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово беше едногласно усвоена од советниците од власта и опозицијата на вчерашната седница која треше до доцна во ноќта.

    „Со воведување на бесплатен градски превоз, се надеваме дека граѓаните сѐ повеќе ќе го користат и нема со автомобили да одат на кафе во централното градско подрачје. Со реализацијата на овој проект ќе се заштити животната средина и ќе се намали сообраќајниот метеж“, кажа Лидија Ланг-Спасовски, раководителка во Секторот за комунални дејноси во Општина Куманово.

    Бесплатниот јавен превоз ќе го вршат приватните превозниците кои веќе имаат дозвола и договор за работа и во моментот ја извршуваат услугата во Куманово. Предвидено е постоечкиот возен ред ќе се надополни со нови поаѓања кои ќе се покажат како неопходни за граѓаните или фирмите, а ќе се постават и нови современи автобуски постојки со информативни табли за новиот возен ред. На превозниците ќе им се плаќа по 40 денари од поминат километар, кои ќе сообраќаат на 27 линии во приградските населби и селата. Од овој превоз се иземени учениците од основното и средно образование, бидејќи за нив блок дотации обезбедува Министерството за образование.

    Идејата да се воведе бесплатен градски превоз во Куманово била на градоначалникот Максим Димитриевски, како што и самиот се пофали, со цел да им помогне на граѓаните во време на економска и енергетска криза, да се намали загадувањето на воздухот, да се реши сообраќајниот хаос, проблемот со паркирањето и да се намалат дивите такси превозници во градот.

    За потребите на проектот направена е телефонска и онлајн анкета на која 79 отсто од испитаниците се изјасниле за бесплатен превоз, 13 отсто биле против. Само 28 отсто од испитаниците кажале дека користат јавен превоз.

    „Уште првиот месец ќе направиме сеопфатна анализа и ако видиме дека нешто не функционира ќе го прекинеме проектот и ќе продолжиме по старо. Ќе излеземе со информација колку патници користеле превоз, колку биле редовни линиите и во комуникација со месните заедници ќе дознеме дали граѓаните се задоволни. Со вградување на ГПС системот ќе имаме дополнителна контрола. Оваа одлука е за 6 месеци додека трае енергетската криза, а за понатаму ќе видиме, може да ја продолжиме и на една година ако имаме средства и ако се исполнат нашите очекувања“, кажа Димитриевски.

    Дел од советниците укажаа дека одлуката да се воведе бесплатен јавен превоз е донесена без да се расчистат сите дилеми како тој ќе функционира во пракса, па се посомневаа дека се работи за премногу скап експеримент кој може да биде на штета на граѓаните и Општината.

    „Во одлуката не стои колку автобуси ќе се користат во овој линиски превоз  и колкава е вкупната бројка на потенцијални корисници на услугата. Сметам дека овие податоци треба да ги има Советот, доколку е направена таква анализа. 30 милиони денари се премногу пари да ги потрошиме тукутака, а ова е премногу скап експеримент за да имаме дилеми. Го имаме искуството со Град Скопје околу ангажирањето на приватниот превоз и проблемите кои настанаа таму. Сметам дека треба да се склучи договор на 3 месеци, додека да се расчистат овие дилеми и ние како граѓани и претставници на Советот добиеме повеќе информации“, кажа советникот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите, кој ја поддржа иницијативата, но побара Општината да биде повнимателна при трошењето на јавните пари.

    Куманово е првата општина во земјата која воведе бесплатен јавен превоз за сите граѓаните. На почетокот на годината Општината имаше проблеми со организирањето на превозот поради задоцнета постапка, па речиси 6 месеци одредени приградски населби останаа без превоз. Тогаш Димитриевски вети дека за тие граѓани ќе има субвенциониран превоз за да им ги надомести трошоците кои морале да ги даваат за такси. Но, како што вчера самиот кажа, таа одлука ја проширил, па не само за тие граѓани туку за сите ќе има бесплатен превоз.

    Општината размислува по завршување на петогодишниот договор со приватните превозници да направи јавно претпријатие за градски превоз, но во моментот нема финансиска можност за такво нешто.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира