СЕ ПРЕПОРАЧУВА БИТОЛЧАНИ ДА НОСАТ МАСКИ ПОРАДИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ, A ОПШТИНАТА ВОВЕДЕ ТРИДНЕВЕН БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ ДО ПЕЛИСТЕР

    СЕ ПРЕПОРАЧУВА БИТОЛЧАНИ ДА НОСАТ МАСКИ ПОРАДИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ, A ОПШТИНАТА ВОВЕДЕ ТРИДНЕВЕН БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ ДО ПЕЛИСТЕРЌе бидат поставени пунктови за делење бесплатни маски во Новиот пазар, Градскиот пазар и на Широк Сокак. (Фото: СДК.МК)

    Три дена со ред, од утре до петок, Општина Битола ќе им овозможи на битолчани бесплатен превоз до Ниже Поле на Пелистер како една од мерките за помош при големоto аерозагадување. Два дена по ред концентрацијата на ПМ10 честичките ги надминува дозволените вредности, поради што Штабот за заштита и спасување на Општина Битола денеска донесе мерки што ќе се спроведуваат во следните денови додека загадувањето е на високо ниво.

    „Во соработка со СВР Битола, ќе се спроведуваат зголемени контроли и пренасочување на тешките товарни возила, со цел да се спречи нивно влегување во градот. Општинскиот инспекторат и СВР Битола ќе вршат зголемени контроли на терен, на начинот на работа и загревање на приватните капацитети и домаќинствата. Со претходно побарана помош преку јавување на телефонскиот број 047/236-019, тимови на Црвен крст ќе вршат достава на храна и лекови на хронично болни и изнемоштени лица“, соопштија од Општина Битола.

    Се препорачува и носење заштитни маски, па ќе бидат поставени пунктови за делење бесплатни маски во Новиот пазар, Градскиот пазар и на Широк Сокак. Јавните претпријатија „Комуналец“ и „Водовод“ ќе вршат почесто миење на улиците во градот.

    Битола веќе пет дена е приклешетна во маглена капа која не дозволува проветрување на загадувачките супстанции. Мерната станица Битола 2 веќе неколку дена покажува висока концентрација на ПМ10 честички во воздухот. На втори јануари средната дневна вредност беше скоро ввојно повисока од граничната, односно 139 микрограми на метар кубен, а исто така и над прагот за алармирање. Подобра не е ни состојбата денеска, кога во 18 часот беа измерени високи 181 микрограм на метар кубен.

    И Министерството за животна средина даде препораки да се користи јавниот превоз, и да не се користат за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума или било кој друг синтетички материјал. Од Министерството за здравство апелираа да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцево-садовен систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира