НА ПЕЛИСТЕР МУ ТРЕБА ПЛАНИНАРСКИ ДОМ, ЈАС ПРООДЕВ НА КОПАНКИ, ВЕЛИ ЛЕГЕНДАРНАТА БИТОЛСКА СКИ ШАМПИОНКА МИЛКА ГЕМТУ-ГЕОРГИЕВСКА

    НА ПЕЛИСТЕР МУ ТРЕБА ПЛАНИНАРСКИ ДОМ, ЈАС ПРООДЕВ НА КОПАНКИ, ВЕЛИ ЛЕГЕНДАРНАТА БИТОЛСКА СКИ ШАМПИОНКА МИЛКА ГЕМТУ-ГЕОРГИЕВСКАОткако паметам за себе сум на скии“, вели Милка Гемту-Георгиевска. (Фото: СДК.МК)

    „Како да сум родена на Копанки. Татко ми Ташку Гемту како домар на планинарскиот дом таму живееше со семејството. Мајка ми отиде в град да ме роди и по неколку дена пак се врати со мене на Пелистер“, кажа некогашната битолска скијачка легенда Милка Гемту-Георгиевска (69) на трибината „Пелистерска зимска расподија“ која ја водеше планинарот Петар Ставрев.

    „Најраното детство го поминав на Пелистер. Дворот на Копанки беше наш двор. Таму сум растена до четири години. Планината беше наш дом, така и ја засакавме јас, брат ми и сестрите. Подоцна моите отидоа да живеат во Битола, но нон-стоп бевме на Пелистер“, рече Ѓемту-Георгиевска.

    Милка припаѓа на првата генерација битолски скијачки. (Фото: Приватна архива)

    Ја прашавме што денес му недостасува на Пелистер?

    „На Пелистер денес му треба дом. Копанки изгоре. Нема дом каде да се собереме. Копанки ни беше гето, сите нè береше, од младо до старо, сите бевме таму. Сега немаме збиралиште, да прошеташ, нема каде да се вратиш“, раскажува Гемтова-Георгиевска.

    На скии е откако проодела.

    „Во дворот на Копанки ни беше играта. Татко ми ни направи скии, стари германски сечени кај врвовите и со нив беа првите чекори на снегот. Откако паметам за себе сум на скии“, вели таа.

    Почнала да тренира на 11 години, кога пеш се искачувале по патеката за да се спуштат зашто немало жичница. Пеш и се тапкала скијачката патека. Се натпреварувала од 1965 до 1978 година, период кога била неколкукратен апсолутен првак во скијање во пионерска и младинска конкуренција во Македонија во сите три дисциплини слалом, велеслалом и спуст. Била првак во тромечите меѓу Македонија, Србија, Црна Гора. Освоила шесто место на државно првенство на Југославија, па била дури и трета во скијање на вода во поранешената држава. Подоцна станала тренер на Ски клубот„Пелистер“ и на женската скијачка репрезентација на Македонија.

    На трибината „Пелистерска зимска расподија“ која ја водеше планинарот и фоторепортер Петар Ставрев. (Фото: СДК.МК)

    „Во Југославија победив со слалом и велеслалом, и кога дојде спустот Црногорките рекоа ‘ова е наша дисциплина, ќе победи нашата’. Немав скии за спуст, имав едни универзални за сè. Со плачење му ги зедов скиите на тренерот Петар Нашоку од Магарево. Ме предупреди ‘татко ти ќе вика’. Му одговорив ‘никако, дај ми ги скиите’. Беа 212 сантиметри долги и кога се спуштив ги слушнав Црногорките како велат: ‘Јаој Македонка опет прва’“, се присетува Гемту-Георгиевска.

    Припаѓа на првата генерација битолски скијачки меѓу кои Мари Цалевска-Беба, Јаминка Стојанова, Ратка Павловска, Милка Стојановска. Нејзиниот сега покоен сопруг Иванчо Георгиевски заедно со Димитар Илиевски-Мурато беше во првата експедиција од Битола која се искачи на Мон Блан.

    „И денес многу често сум горе, и на скијање и на планинарење. Сметам дека тоа ме одржува во живот. Цела лоша енергија ја оставам зад себе кога сум на Пелистер. Ја пренесов љубовта кај синовите и внуците. Син ми заврши Спортска академија, скијач е. Внуците скијаат, не се натреварувачи, но активно скијаат, од три години се на снег“, вели таа.

    На 28 јануари ќе се навршат точно десет години откако изгоре планинарскиот дом Копанки, каде Милка проодела на скии, што би се рекло, и го поминала најраното детство, а беше и сврталиште на повеќе спортски легенди од Македонија, па и пошироко. И по една деценија од пожарот домот не е обновен. Општината лани летото додели 62.000 евра на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ за обнова на изгорениот дом кој е во негова сопственост. Пред три месеци, во работна акција се изврши дотур на градежните материјали, а градбата се очекува допрва.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира