Општина Аеродром ќе издаде обврзница во висина од 330 милиони денари (околу 5,4 милиони евра) за реализација на капитални проекти во општината. Одлуката за задолжување беше изгласана на последната седница со 15 гласа ‘за‘ и 12 ‘против‘. Задолжувањето, како што стои во одлуката, ќе се врши преку издавање обврзици.
Парите ќе се искористат за доградба на основното училиште „Блаже Конески“, надградба на училиштето „Гоце Делчев“, изградба на градинка „Буба Мара“ клон на „Пчела 1“, изградба на нова градинка и кофинансирање на градинка со Министерство за труд и социјална политика. Со парите, исто така, партерно ќе се уредува и осветлува дворот на училиштето „Димитар Македонски“, ќе се уреди сквер зад ТЦ „Капитол“, се предвидува изградба на паркинг, како и на сервисни улици, водоснабдување, атмосферска и фекална канализација.
„Со оваа одлука ќе се подобрат условите за живот на жителите, намалување на метежот и заштита на животната средина. Со изградба на градинките и училиштата ќе може да се згрижуваат деца без да се создаваат листи на чекање. Со изградбата на плоштад, сервисни улици и канализација ќе се подигне стандардот за живот на нашите сограѓани“, вели градоначалникот Тимчо Муцунски во образложението на одлуката.
Против одлуката за задолжување гласаа советнците од СДСМ и Левица. Советникот од СДСМ Милутин Ристевски вели дека со одлуката ниту еден проблем не се решава трајно и задолжувањето Муцунски не го ветил во неговата изборна програма.
„Во овој момент не се знае колкави камати ќе се плаќаат на овој кредит. Од одлуката се гледа дека од овие средства се планирани две и пол градинки, а не 4 како што ветуваше пред изборите. Планирани се 2 доградби и 0 нови училишта. Ниту еден проблем не се решава трајно. Ниту недостатокот на градинки, ниту недостатокот на училишта, ниту недостатокот на паркинзи и улици. Наместо развој и решавање на проблемите, аеродромци добиваат нов проблем, долг од 5,4 милиони евра кој ќе го враќаат во следните 10 години. Ова задолжување Муцунски не го вети во својата градоначалничка програма“, вели Ристевски.
Во кредитот не се предвидени пари за изградба на општинска зграда.
А. АНТЕВСКА