Од 4 јануари, повторно се укинати возовите на релацијата Скопје-Табановце, поради што жителите на Куманово и околните села останаа без железнички превоз. Информацијата дека се стопира патничкиот сообраќај на оваа редовна линија кумановци ја дознале кога по новогодишните празници отишле да ги обноват месечните билети.
„Ми рекоа дека не можам да купам карта бидејќи овој месец ќе нема воз, немале машиновозачи. Револтиран сум, затоа што јас работам во Скопје и овој превоз многу ми значи од повеќе аспекти, поевтин е и поминува во селото, не морам да одам до Куманово за да патувам со автобус“, вели жител на кумановското село Романовце.
Од Македонски железници (МЖ) – Транспорт за САКАМДАКАЖАМ потврдија дека линијата е укината поради недостаток на машиновозачи, но не одговорија кога ќе се вратат возовите на оваа релација. Не ги коментираа ни нашата неофицијална информација дека на петмина машиновозачи не им е продолжен договорот за јануари и затоа останале без технички персонал.
На релацијата Куманово-Скопје дневно сообраќаат четири возови. Најголем интерес од Куманово има наутро во 5.25 и 8.15 часот, а попладне од Скопје во 16.25 часот и во 20.20 навечер. Најмногу ги користат патници од Куманово и Романовце, но и од селата Табановце, Речица, Агино Село, Дељадровце, Миладиновци, Илинден и Маџари, кои одат на работа во Скопје.
Нашите соговорници велат дека во последно време бројот на патници е драстично зголемен, особено откако е воведен бесплатнен превоз за неколку категории граѓани. Тоа го потврдија и надлежните.
„Важат субвенциите, односно бесплатниот превоз што го обезбедува државата за млади, средношколци, студенти и возрасни над 62/64 години. Оваа мерка е добредојдена за сите кои имаат потреба од патување со воз за одредена релација. Од тие причини, на сите релации има зголемување на бројот на превезени патници кај овие категории“, велат од МЖ-Транспорт.
Ова не првпат да се укине линијата Скопје-Табановце. Истото се случи и во текот на летото кога два месеца немаше железнички превоз, исто оти немаше машиновозачи.
Жителите на Романовце велат дека наместо да се укинува бројот на возови за Куманово треба да се зголеми и да се промовира, бидејќи е дупло поевтин од автобускиот и од сопствениот превоз. Билет за воз во еден правец чини 86 денари или 120 повратен. Автобуската карта до Скопје е 170 денари во една насока. Ако се патува со автомобил само за патарина се плаќа 200 денари, а плус и за гориво.
С. НИКОЛИЌ