Родителско отсуство од вкупно 13 месеци, од кои 9 за мајката и 4 за таткото, предвидува новиот Предлог-закон за работни односи кој е во нацрт верзија, објави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Наместо досегашното породилно отсуство, се предвидува поделба на отсуствата на мајчинско, татковско и родителско отсуство.
Како што објасни Тренчевска во објава на Фејсбук, татковското е во траење од 15 дена и се користи веднаш по раѓањето на детето, ако е едно дете, а за близнаци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена. Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно.
„Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, 9 месеци. Но, дополнително, тука се и 4 месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето, наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци“, вели министерката Тренчевска.
Таа рече дека воспоставувањето на трите вида на отсуство освен обезбедување заштита имаат за цел и изедначување на улогата на мајката и таткото, односно мажот и жената во периодот на подигање на детето или децата.
Новиот Закон за работни односи со кој требаше да се зголеми должината на породилното/родителско отсуство требаше да стапи на сила лани, но и по двегодишна работа тој до крајот на 2022 беше уште во работни групи и без готов текст.
Тренчевска сега најави и дека за овој предлог-закон ќе се оддржи серија јавни расправи заради вклучување на јавноста и отворање на можноста за коментари.