И ВЛАДАТА ОСТАВА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ДА СКАПУВА, НИШТО ОД НАЈАВАТА ДЕКА ЌЕ Ѝ ЈА ОДЗЕМЕ НА АРСОВСКА

    И ВЛАДАТА ОСТАВА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ДА СКАПУВА, НИШТО ОД НАЈАВАТА ДЕКА ЌЕ Ѝ ЈА ОДЗЕМЕ НА АРСОВСКАСкопје 7 години нема концертна сала, Универзална е заборавена од владата и од скопската власт.(Фото: К. Попов)

    Универзална сала, симболот на Скопје, година и пол скапува, стои отворена и разурната. Не се изведуваат никакви градежни работи ниту пак властите имаат намера да ја изградат и да ја вратат салата во функција.

    За градоначалничката Данела Арсовска, Универзална сала како да не постои, не планира да ја гради, не одговара на новинарски прашања на оваа тема, а и при носење на буџетот за 2023 не кажа дека овој проект ќе биде еден од оние на кои ќе се работи годинава.

    И Владата, која најави дека ќе ѝ ја одземе концертната сала на Арсовска и дека ќе ја догради преку Министерството за култура, ја остави да скапува. Два месеца поминаа од оваа најава и од средбата на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов со Арсовска, но нема никакво поместување на работите. Универзала сала е заборавена од сите и никого не го интересира.

    Министерката Костадиновска-Стојчевска на 23 декември при презентирање на буџетот на Министерството за култура, одговарајќи на новинарско прашање кажа дека чека Арсовска да ѝ достави информации, а градоначалничката тоа не го прави.

    „Откако имавме состанок јас и министерот Пенов со градоначалничката Арсовска, испративме барање за информација до градоначалничката до каде е состојбата со Универзална сала, дали воопшто има некакво движење и активности таму. Но, до ден денес немаме добиено никаква повратна информација. Град Скопје е влезен во најтесниот круг за добитник за наградата Европска престолнина на културата за 2028 година, а токму Универзална сала се јавува како апликант на тој конкурс. Апелирам, и после празниците ќе иницирам нов состанок со градоначалничката Арсовска, бидејќи мораме заедно и Град Скопје и Министерството за култура, а и Владата да работиме на таа апликација, на таа програма бидејќи е од национален интерес“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

    Од ваквата изјава на министерката помина речиси еден месец, поминаа новогодишните и божиќните празници, а средба  уште нема, ниту пак некој работи на тоа да се одземат ингеренциите за Универзална сала и таа да се догради.

    Универзална сала е затворена 7 години. Градежните работи за реконструкција почнаа во септември 2021 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Според проектот, салата требаше да се гради во две фази, прво надворешноста за што беа обезбедени околу 2 милиона евра од Владата и префрлени на наменска сметка на Град Скопје. По завршување на надворешноста ќе се преминеше кон втората фаза, внатрешноста. Според најавите, првата фаза требаше да биде готова до крајот на 2022.

    Но, по доаѓањетѕо на функција на Арсовска градежните работи беа прекинати. Градоначалничката го обвини минатото раководство на Градот дека е виновно што концертата сала не се гради оти направило небезбеден проект. Арсовска за оваа тема се искара со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која лани во февруари ја свика Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира