НЕ ПОЛИТИКА, ТУКУ ЛИЧНИ НЕДОРАЗБИРАЊА ОД ПРЕТХОДНО СЕ ПРИЧИНА ЗА НАПАДОТ НА СЕКРЕТАРОТ НА БУГАРСКИОТ КЛУБ ВО ОХРИД, ВЕЛАТ ПРВИЧНИТЕ ДОКАЗИ, ПОТВРДЕНИ И ОД ОЧЕВИДЦИ

    НЕ ПОЛИТИКА, ТУКУ ЛИЧНИ НЕДОРАЗБИРАЊА ОД ПРЕТХОДНО СЕ ПРИЧИНА ЗА НАПАДОТ НА СЕКРЕТАРОТ НА БУГАРСКИОТ КЛУБ ВО ОХРИД, ВЕЛАТ ПРВИЧНИТЕ ДОКАЗИ, ПОТВРДЕНИ И ОД ОЧЕВИДЦИПолицајците од Охрид со кои разговаравме неформално, а се со повеќегодишен работен стаж, потсетуваат дека во овој град никогаш немало инциденти на политичка, етничка, верска или друга основа и според нив, не треба никој да наседнува на залетувања од типот:„тепан зошто бил Бугарин, Турчин или Хрват“, туку треба да се остави истражните органи да си ја завршат својата работа (Фото:СДК.МК)

    Синоќешниот напад на секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид нема никаква политичка позадина ниту омраза и прогон на Бугарите туку станува збор за лични меѓусебни нерасчистени сметки меѓу него и напаѓачите, велат за САКАМДАКАЖАМ лица кои се сведоци на немилиот настан но и знаеле за нивните претходни недоразбирања.

    Ни збор за политика не се кажа пред да се случи тепачката. Станува збор за меѓусебно недоразбирање меѓу нив кое трае подолго време и младите во градот знаат за нивната историја. Се започна кога влегоа тројцата во кафеаната. Нападнатото момче тој веднаш почна да ги пцуе, спомнуваше мајки, сестри, усти.. Тука изби вербална расправија која потоа продолжи со физичка пресметка надвор од објектот“, тврдат сведоци за САКАМДАКАЖАМ.МК раскажаа очевидците.

    На прашање до МВР дали навистина поводот за тепачката бил говор на омраза, односно омраза против Бугари, оттаму ни одговорија за такво нешто засега нема докази, но случајот ќе го преземе обвинител и тој со сигурност ќе утврдува дали евентуално ќе се појават такви поткрепени докази.

    Но, без да ги сочека доказите и истрагата на нашите органи, бугарското МНР веќе најави дека ќе испрати протестна нота до нашата амбасада во Софија, поради насилство од омраза против Бугари во Македонија.

    Тоа е непочитување кон македонската полиција и обвинителство, која пак, на органите на прогонот за автобуската несреќа кај Струма во која загинаа 45 македонски државјани, им даде исклучителна верба и поддршка во утврдувањето на причините, додека бугарските медиуми масовно пишуваа за автопатот-убиец изграден од нивната држава.

    Полицијата извести дека настанот се случил околу 22.30 часот, нападнатиот е Х.П. (21) од Охрид, а напаѓачите се сограѓаните С.К., С.К. и И.С. . На Х.П. му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид. Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија“ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., кои му ја скршиле вилицата. Известен е јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава, вели портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

    Полицајците од Охрид со кои разговаравме неформално, а се со повеќегодишен работен стаж, потсетуваат дека во овој град никогаш немало инциденти на политичка, етничка, верска или друга основа и според нив, не треба никој да наседнува на залетувања од типот:„тепан зошто бил Бугарин, Турчин или Хрват“, туку треба да се остави истражните органи да си ја завршат својата работа.

    Бугарските медиуми објавија дека дваесет и едно годишниот Х. П. од Охрид синоќа бил нападнат од тројца охриѓани во угостителски објект на кеј „Македонија“ само затоа што бил Бугарин и секретар на клубот „Цар Борис Трети“.

    Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев претходно на Фејсбук напиша дека насилството, омразата и дискриминацијата мора да престанат.

    „Очекувам итна реакција од надлежните од двете страни. Оваа ситуација е неподнослива. Политичарите, медиумите и академијата создадоа атмосфера на омраза и прогон на Бугарите. Европските институции секако ќе бидат информирани. Момчето е во болница. Полицијата е известена“, стои во неговата објава.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира