Серверите на Oпштина Аеродром од пред три дена се хакирани. Службите во Општината не можат да работат, кажано им е да не ги вклучуваат компјутерите додека не се реши случајот.
Градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски потврдува дека Општината била цел на хакерски напади од странски поединци или организирани групи. За настанот, вели, е информирана полицијата и се преземаат активности за расчистување на случајот.
„За нас најважно е дека со ваквиот напад не е доведена во прашање безбедноста на класифицирани, доверливи информации или пак лични податоци. Единствено настанот има влијание на секојдневното и нормално извршување на работните задачи од страна на општинската администрација. Информациите кои ги добив од страна на вработените, говорат дека состојбата ќе биде вратена во нормала во најкраток временски рок, односно веќе во следните денови ќе имаме функционален информатички систем“, вели Муцунски.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека е пристигната пријавата за хакерски напад од Општина Аеродром, веднаш е постапено и во моментов се работи на расчистување на случајот.
А. АНТЕВСКА