И ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПО ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР РАМПАТА НА МАРКОВА НОГА ОСТАНА СПУШТЕНА, КОВАЧЕВСКИ СЕ НАДЕВА ДЕКА НАСКОРО ЌЕ СЕ КРЕНЕ

    И ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПО ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР РАМПАТА НА МАРКОВА НОГА ОСТАНА СПУШТЕНА, КОВАЧЕВСКИ СЕ НАДЕВА ДЕКА НАСКОРО ЌЕ СЕ КРЕНЕЛани во јуни 30-на учесници на офроуд тура низ грчкиот дел на Преспа со џипови дојдоа до преминот Герман-Маркова Нога. (Фото: Фејсбук)

    И по над четири и пол години од потпишувањето на Преспанскиот договор, само пусти надежи останаа најавите дека конечно ќе се крене рампата на граничниот пермин Маркова Нога во Преспа кон Грција. Кој сè не најави отворање на преминот, од Зоран Заев, Алексис Ципрац, Јоргос Папандреу, Александар и Никола Димитров, градоначалници од македонска и грчка страна… Од 2018 па наваму се калкулираше со термини, те за две, те за три. Но, факт е дека поминаа четири години, а уште нема прецизна временска рамка кога ќе се дигне рампата на Маркова Нога.

    Премиерот Димитар Ковачевски при минатонеделаната посета на Преспа изрази надеж дека во најкраток рок ќе се отвори преминот, но не прецизира кога.

    „Активноста со отворањето на граничниот пермин Маркова Нога се одвива во поодминат период наназад. За сите детали во однос на тоа ќе мора да поразговараме и со Министерството за надворешни работи, но и со другите институции кои се надлежни, се разбира и со грчката страна зашто таму има активности кои треба да се завршат. Се надевам дека во најкраток, најбрз можен период ќе можеме да зборуваме за отворање на граничниот пермин, што не беше случај во минатото“, рече Ковачевски.

    Повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога беше најавено уште со потпишување на Преспанскиот договор. Во 2020, тогашните градоначалници на Ресен и Преспа од грчка страна по средбата на самиот премин најавија дека Македонија и Грција активно работат на усогласување и забрзување на постапката. Поради коронакризата беа одложени дел од средбите помеѓу надлежните од двете држави, а пред пандемијата беше најавено дека ЕУ ќе помогне финансиски во средувањето на преминот.

    Рампата е спуштена 56 години. Преку Маркова Нога-Герман некогаш се минувало само со лична карта, но во 1967 година беше затворен со политичка одлука од страна на Грција. Последното село на македонска страна Долно Дупени тогаш имаше 700 жители, а денес ни 100. Најблиското село од другата страна е Раби на два километра. Но, за да се стигне дотаму, се врти преку граничниот премин Меџитлија дури 100 километри.

    Лани во јуни, учесниците во петтата офроуд тура што се одржа во грчкиот дел на Преспа се обидоа по стар обичај од тие краишта, да поделат погача со жители од македонската страна на границата кај Маркова Нога, но не им беше дозволено да ја минат границата. Со ова сакаа симболично да покажат дека во соработката меѓу народите не треба да постојат граници.

    Додека народот чека да се дигне рампата, во Северна Грција скоро и да нема патоказ со името Северна Македонија, туку уште се користат табли со ФИРОМ и Скопје. Дури и новопоставените ги носат старите називи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира