Берлинскиот филмски фестивал ја претстави натпреварувачката селекција за 73. издание, со 18 филмови во конкуренција за Златна мечка. Извршната директорка на Берлинале Мариет Рисенбек и уметничкиот директор Карло Катријан претставија особено меѓународна и уметничка селекција со силен фокус на политички обоен филм. На Берлинале светска премиера ќе има документарниот филм „Супермоќ“ на Шон Пен и Арон Кауфман за украинскиот претседател Володимир Зеленски, руската инвазија на земјата и тековната војна, што ќе игра вон конкуренција.
„Пен беше во Киев и снимаше филм со Зеленски кога пукна војната во Украина. А потоа, реалноста направи филмот да се промени во нешто помалку удобно и позначајно. Многу сме благодарни на Шон Пен и на целиот тим што го избраа Берлиналето да го прикажат овој филм кој ја раскажува улогата на уметноста и уметниците“, рече Катријан на денешната прес-конференција.
Американскиот актер и режисер оскаровец, беше во главниот Киев во февруари 2022, додека Русија ја започна агресијата врз Украина, а потоа се врати уште неколку пати.
„Нашата земја му е благодарна за таквата храброст и чесност“, напиша лани Кабинетот на претседателот на Украина Зеленски на Фејсбук.
„Повеќе од кога било, овогодинешната селекција има за цел да биде што е можно поотворена за сите филмски форми: анимирани филмови и документарни форми, комедија и мелодрама, драми и костимирани драми, филмови кои се потпираат на одлични изведби или со натуршчици. Во секој од 18-те наслови може да се слушне единствен глас. И зад овие важни приказни – дури и ако се обоени со тажна нота – убавината на светот сè уште одекнува. 18 филмови – од кои 15 филма се светски премиери – ќе се натпреваруваат за Златните и Сребрените мечки. Застапени се продукции од 19 земји, шест филма се режирани од жени, единаесет филмаџии биле претходно на фестивалот, осум во конкуренција, а има три дебитантски филмови застапени во овогодинешната натпреварувачка програма“, рекоа организаторите.
Берлинале 2023, кој ќе се одржи една година по руската инвазија на 24 февруари лани, ќе има голем фокус на Украина. Дури и официјалниот беџ на фестивалот ќе биде во украинските бои сина и жолта.
Во конкуренцијата за Златна мечка по шести пат е германскиот автор Кристијан Пецолд со „Афире“. Легендарната германска режисерка Маргарете фон Трота ќе има светска премиера на уште еден од нејзините портрети на извонредни жени – „Ингеборг Бахман – Патување во пустината“, поглед на славната австриска поетеса (ја игра Вики Крипс) и нејзината врска со писателот на „Хомо фарбер“, Макс Фриш (Роналд Зерфелд). Уште еден етаблиран филмски режисер, францускиот автор Филип Гарел доаѓа со „Плуг“ фокусиран на семејството. Холандско-австралиски режисер Ролф де Еер доаѓа со „Опстанок на добрината“.
73. Берлинале, што ќе се одржи од 16 до 26 февруари, ќе биде отворено со светската премиера, вон конкуренција, на Таа дојде кај мене“, романтична комедија од режисерката и сценаристка Ребека Милер во која Питер Динклиџ игра композитор со писателски блок,а Ен Хатавеј негова сопруга и поранешен терапевт.
Актерката Кристен Стјуарт ќе претседава со жирито, а Стивен Спилберг ќе добие почесна Златна мечка за животно дело.